На една од трап-камерите на Националниот парк Шар Планина, тимот на ЈУ НП Шар Планина забележа мајка рис со младенче, и двете во одлична здравствена состојба. Со оваа снимка, бројката на документирани рисови на Шара се зголемува од една на три единки.
По успехот од минатата година, кога првпат беше снимен мажјак на локалитетот Лешница, овојпат е регистрирана мајка со младенче на територија на Општина Боговиње.
„Овој историски момент е резултат на долгорочна, упорна и стручно спроведена работа на тимот на паркот“, велат од НП Шар Планина.
Снимката ја регистрираше еден од колегите на паркот, кој доби и честта да го даде името на мајката – таа сега се вика Сибел.
Инаку Балканскиот рис е територијално животно и секоја единка зазема голема територија, понекогаш над 40 km². На Шар Планина може да се очекуваат мал број стабилни единки, па секој ново потврден рис е значаен чекор напред за видот. Неговиот плен вклучува срна, дива коза, зајак, еребица, ситни цицачи и други видови од шумскиот екосистем.
Популациите на пленот на Шара полека, но стабилно растат, создавајќи подобри услови за опстанок на рисот. На територијата на НП Шар Планина ловот е целосно забранет, што директно придонесува кон заштита на рисот и неговиот плен.
Т.Д.
