Минимално поевтинува преносот и дистрибуцијата на струја. Цената за оваа ставка која е дел од фактурите за електрична енергија се намалува околу 1 процент. Одлуката ја донесоа регулаторите врз основа на пресметките кои ги доставиле енергетските компании МЕМО, МЕПСО, и Електродистрибуција. Сега на потег е Универзалниот снабдувач.
„Овие одлуки да си ги покријат своите трошоци, да ги реализираат инвестициите и да си ги покријат загубите од електрична енергија“, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски
Ова е последната одлука која се чекаше за да може да се формира крајната цена на струјата која ќе ја плаќаат граѓаните по Нова Година.
„Очекуваме во текот на наредната недела ЕВН Хоум да достави пресметки до регулаторната комисија за енергетика со кои пресметки ние ќе треба да провериме дали е имплементиран тарифниот систем и врз основа на тоа ќе донесеме понатака, односно ЕВН Хоум ќе донесе одлука“, додава Бислимовски.
Претходно, ЕСМ на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум му понуди повисока цена за домаќинствата и малите потрошувачи. Наместо по 62 евра како до сега, за оваа категорија мегават ќе чини 65 евра. Иако, мрежарината поевтинува, сепак, за тоа какви сметки ќе плаќаат граѓаните од 1 јануари најмногу зависи од понудата на ЕСМ.
Инаку, пред неколку дена РКЕ донесе одлука од 1 декември за околу 5 отсто да поскапи парното греење, за да може ЕСМ да инвестира во мрежата. Оваа грејна сезона ја оценија за една од полошите со рекорден број на поплаки.
Ирена Чачкова
