Револт за непризнавањето вина и за префрлање на одговорноста на обвинетите за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ изразија родителите на жртвите и прикачија транспарент со нивни фотографии и со порака дека секој поглед бара правда, пред да започне рочиштето во судницата во „Идризово“. Уште еднаш изразија надеж дека ќе добијат правда за загубените животни на нивните деца.
„Зарем треба ние родителите да ги потсетиме зошто се во судница. Никој од нив немаше ниту грам совест и човечност да ја признае својата вина”, смета Јулија Златкова, мајка на загинатиот Томас Златков.
„Го донесовме транспарентот за да ги потсетиме „убијците“ што направија, бидејќи на претходното рочиште рекоа дека не чувстуваат вина”, порача Светлана Стојанова мајка на загнатиот Андреј Стојанов.
„Одбраната на поранешните тројца кочански градоначалници Ратко Димитровски, Љупчо Папазов и Никола Илиев се заснова на тоа дека кога државен орган одобрил „Пулс“ да работи, тие немале надлежност да контролираат и проверуваат“, изјава Алесандар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова.
Родителите реагираа и кога ги слушаат бранителите на обвинетите, дознаваат многу работи.
Секој, сакајќи да обезбеди слобода за своите странки, изнесуваат факти кои за нас родителите се непознати и не сме знаеле дека воопшто постојат. Па, ние родителите се прашуваме кој е виновен за убиството на нашите деца. Ги почитуваме правилата за ред и дисциплина во судниоцата, но кој и да било од обвинетите да ги почитуваа правилата и законите, ние немаше да бидеме на ова место, принудени по закон да молчиме, а нашите деца ќе беа покрај нас, реагираат родителите.
Димитровски во чиј мандат е отворена дискотеката во 2012 година порача дека бил единствен кој реагирал и поднел барање за неиздавање лиценца за нејзина работа уште пред објектот да започне со работа, но не добил одговор.
Одбраната на обвинетите општински градежни инспектори Огњен Ѓеорѓиев, Љупчо Стаменков и Николчо Гоцев тврди дека нивното непостапување не придонело да се случи трагедијата, бидејќи објектот немал конструктивни недостатоци. Инспекторот Гоцев во своја одбрана кажа дека никогаш не добиле налог, пријава или допрен глас за да извршат контрола.
Адвокатите на управителот на агенцијата за обезбедување Рубикон, Јане Јанчески посочија дека нивниот клиент ниту бил ниту учествуавл во овој трагичен настан. Додека пак Ѕвонко Давидовиќ, бранителот на обезбедувачот Ивица Грозданов смета дека не им се суди на главните виновници.
За пожарот во „Пулс”, обвинети се 35 луѓе и три фирми.Тие се товарат за тешки дела против општата сигурност поради пропусти што довеле до трагедијата. Во пожарот загинаа 63 луѓе, а над 200 беа повредени.
Марија Митевска
