Членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски денеска обвини дека поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски одобрил набавка на 20.000 тони жито, поскапo за 1,3 милиони евра, веднаш по отпишувањето на 2.000 тони од стоковите резерви, потпишано од Зоран Заев и Венко Филипче.
Според него, државата платила значително повисока цена од пазарната и со тоа ги оштетила граѓаните. Манасиевски тврди дека цената на пченицата од Србија била околу 22,5 денари за килограм, додека државата платила 26,6 денари, што ја создало разликата. Тој побара ДКСК и Обвинителството да го истражат случајот.
На ова обвинување се огласи пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски кој ги отфрли како лажни ваквите тврдења и најави тужби. Тој оцени дека станува збор за политички притисок и обид за валкање на неговото име, нагласувајќи дека наместо клевети, власта треба да се фокусира на решавање на проблемите во земјоделството.
