Во пресрет на меѓународниот ден за борба против корупцијата, новиот претседател на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Адем Чучуљ, ја презеде функцијата. И во првите моменти по свечената заклетва во Собранието, застана пред камерите за да порача дека ќе се води по оценките од Брисел и ќе бара одговорност од сите институции, во обид да застане на патот на корупцијата и судирот на интереси. Во извештајот за напредокот на Македонија, Европската комисија нотира дека земјата нема покажано вистински напредок во превенција и борба против корупцијата. Во документот на комисијата се укажува и дека иако има обиди за истраги и обвиненија за случаи поврзани со висока корупција, сепак судските процеси се бавни, а казните благи.
„Имаме голем број предизвици, оценките на Европската комисија се такви какви што се. Ќе се залагам, како претседател, да ги поправиме тие оценки, но ќе треба напор и доста работа. Кажав на моето интервју во собранието дека ќе се залагам за дигитализација и за превентивните алатки. Како претседател, фокусот ќе ми биде да ја зголемиме нашата проактивност во делот на проверката на имотната состојбата на избраните и именуваните лица, бидејќи тоа е една од забелешките во извештајот на Европската комисија, но и честа препорака на ГРЕКО. Се надевам дека во тоа ќе имам поддршка од целата комисија“, изјави Адем Чучуљ, претседател на ДКСК.
ДКСК денеска одржа настан посветен на Меѓународниот ден за борба против корупцијата – 9 декември. Присуствуваа претставници на државниот врв, амбасадори, невладини. Присутните нотираа дека корупцијата во земјата прераснала од институционален во општествен проблем, вкоренет години наназад, преку злоупотреби и разочарувања. А, колку во Македонија има политичка волја за одлучна борба против корупцијата?!
Дел од невладините се на став дека сè уште сме далеку од еден општествен бран на акција, иако постои консензус. Поповиќ од Институтот за демократија порачува дека новиот претседател сега има тешка задача и да ја врати довербата во Антикорупциска.
„Сметам дека по трагедијата во Кочани не беше направено доволно за да се адресираат системските ризици од корупција коишто демнеат и предизвикуваат такви штети и мислам дека земјата заслужува многу поодлучна борба и инвестиција во борбата против корупцијата. Сметам дека е важно сега да се работи забрзано на таа доверба и на градење на односите со повеќето засегнати страни. Сметам дека сега (новиот претседател) најмногу треба да има работа со медиумите и истражувачкото новинарство“, истакна Миша Поповиќ од Институтот за демократија.
Во изминатите месеци, ДКСК ја „тресеше“ корупциски скандал, откако Обвинителството за гонење организиран криминал покрена обвинение за две кривични дела, за оддавање службена тајна, како и за компјутерски фалсификат, против поранешната претседателка на комисијата, Татјана Димитровска. Таа поднесе оставка од функцијата, а огласот за нов шеф на ДКСК беше објавен на почетокот на август.
Петар Догов
