Во Белград доцна синоќа на две локации пристигнаа групи студенти од Нови Пазар кои 13 денови пешачеа за да присуствуваат в сабота на комеморативен собир во Нови Сад по повод годишнината од загинувањето на 16 луѓе од падот на бетонската настрешница на железничката станица во тој град во Војводина.
Тие беа пречекани од неколку илјади граѓани со огномет, по што се упатија кон Студентскиот плоштад околу 23 часот и со тоа официјално ја завршија синоќешното пешачење.
Граѓаните кои ги пречекаа извикуваа „Пумпај“ и „Нови Пазар“, и додека поминуваа низ Плоштадот на републката беа поздравени и од актери од Народниот театар што се наоѓа на тоа место.
Групата студенти од Нови Пазар кои пешачат 400 километри треба да го продолжат своето патување денеска наутро, додека другата, штафетна група, ќе има слободен ден и ќе го продолжи своето патување заедно со своите колеги од Белград в четврток наутро.
Студентите од Нови Пазар од Белград ќе одат до нивната крајната дестинација со своите колеги од главниот град.
Групи од голем број градови во Србија пешачат до НовиСад за да се соберат на првата годишнина од смртта на 16 лица и тешката повреда на едно лице, откако се урна бетонска настрешница на железничката станица во тој град на 1 ноември 2024 година.
Голем број луѓе од западна Србија, студенти, средношколци и други граѓани, од Краљево, Чачак, Ужице, Горњи Милановац, Суботица, Ниш, Ваљево, Крагуевац… пешачат до таа средба.
Студентите во блокада веќе една година, предводат бран граѓански протести со кои бараат одговорност од властите за смртта на 16 лица при падот на реконструираната настрешница на главната железничка станица во Нови Сад лани.
Кон крајот на ноември минатата година, започнаа блокади на факултети на шест државни универзитети како одговор на физичкиот напад од страна на владини претставници врз студентите на Факултетот за драмски уметности во Белград, додека тие стоеја на улицата и тивко им оддаваа почит на загинатите.
Во март, во Белград се одржа најголемиот протест организиран од студенти во изминатата година, на кој, според Архивата на јавни собири, присуствуваа меѓу 280.000 и 330.000 луѓе.
