На 30 километри од главниот град се наоѓа селото Блаце. На пат кон ова населено место нè дочека стадо со овци, a пријателски беа настроени и кучињата. Се упативме да видиме како живеат и каде гласаат овие жители.
„Педесет и девет години живеам во ова село, не е лошо да се живее така стандардно Јас сум со стокава и тоа е“, вели жител.
Луѓето овде гласаат во црковната трпезарија. Изборниот материјал наместен, гласањето почнало на време. Избирачкиот одбор подготвен да ги дочека 25-те гласачи запишани на избирачкиот список.
„Нашето избирачко место е Блаце. Запишани гласачи се 24 редовни и плус еден што е на привремена работа или престој во странство. Досега, излегоа тројца гласачи, што е некаде околу 12 проценти. Очекуваме барем 50 проценти да излезат на гласање“, вели Спасе Палчески, претседател на избирачкиот одбор.
И претходни години излезноста била околу 50 проценти. Но, освен избирачкиот одбор, голем број на кучиња и по некој авион, улиците беа празни, а ретко се забележуваа и жители во нивните домови. Дел од нив кои ги затекнавме ни кажаа дека во ова место претежно доаѓаат викендаши. Се поздравивме со избирачкиот одбор и се упативме во соседното село. На неколку километри подолу нè дочека табла дека стигнавме во селото Кожле. Патот делумно асфалтиран, дел со дупки.
И овде улиците за време на нашето снимање беа празни. Стигнавме до местото на кое жителите на Кожле треба да го гласаат. Како и на претходното избирачко место, така и овде, се гласа во црковна просторија. Избирачкиот материјал е на свое место, како и избирачкиот одбор, но до 12 часот овде гласале само петмина гласачи.
„Ова е избирачко место 2391 во Кожле. Имаме запишано за гласање 18 гласачи, а досега до 12:15 часот имааат излезено пет гласачи. Се надевам дека овој број ќе се зголеми, затоа што во претходните случаи излегувале барем 12 гласачи, така што се надеваме дека до крајот на денот ќе излезат уште некои“, рече Катерина Кузмановска, претседателка на избирачкиот одбор.
И во ова место можеа да се забележат нови градби. Жител пред камерата на Телма раскажа за тоа како се живее тука.
Симона Петровска
Дигитална обработка: Т.Д.
