Буџетот во правосудството треба да обезбедат соодветно функционирање на секторот, велат во одговор до Телма од канцеларијата на Европската Унија во Скопје откако за по избори се најавени 6 закони за правосудството.
„Утврдувањето на буџетските средства и платите се независна одлука на властите, сепак, тие треба да го почитуваат националното законодавство и да овозможат соодветно функционирање на правосудството. Извештајот на ЕК за проширување за 2024 година ја нагласи потребата од соодветни ресурси и финансиската независност“, стои во одговорот на Канцеларијата на ЕУ.
Според првичните најави судскиот буџет треба да биде 0,8% од БДП додека буџетот на обвинителството треба да биде половина процент од Бруто домашниот производ. Но, власта смета дека се против распределување на толку средства во правосудството поради ниската доверба и раширена корупција меѓу поединци во обвинителството и судството. Од планот за раст се предвидени повеќе закони, а од канцеларијата на ЕУ ни одговорија дека ја охрабруваат владата да ги земе во предвид препораките на меѓународните фактори.
ЕУ постојано ја потенцира важноста од независно, одговорно и адекватно финансирано правосудство како темел на владеењето на правото, демократијата и одржливиот економски развој.
„Го поздравуваме соопштението дека шест судски реформи ќе бидат усвоени до крајот на годината, во согласност со предвидената реформска агенда. Ги охрабруваме властите да ги земат во предвид препораките од ЕУ и Венецијанската комисија во нив за да се осигураат дека тие се во согласност со релевантните меѓународни стандарди и пракси“, додаваат од ЕУ.
Со измените треба да се подобри функционирањето и ефикасноста на судскиот и обвинителскиот систем, а се предлага и за потребните вработувања, судскиот буџетски совет да одлучува самостојно и независно согласно потребите, а не како досега да чека согласност од Министерството за финансии.
Миомир Серафиновиќ
