Вонредна состојба со ограничени резерви на гориво прогласиле девет авиони над Лондон а 14 летови биле пренасочени откако авион на „Бритиш ервејс“ поради технички дефект ја блокирал единствената активна писта на аеродромот Гетвик.
Проблемот настанал откако авионот на летот БА2673 безбедно слетал, но останал на пистата по пријавен технички проблем. Авиокомпанијата соопшти дека патниците се симнале од леталото без проблеми.
Поради блокадата, девет авиони кои чекале дозвола за слетување го активирале меѓународниот код за вонредна состојба 7700.
Уште пет летови биле пренасочени без прогласување вонредна состојба.
Од вкупно 14 пренасочени авиони, пет слетале во Лутон, четири во Станстед, три во Бирмингем, а по еден во Хитроу и Бристол. Станувало збор за летови од повеќе европски и северноафрикански дестинации, меѓу кои Рим, Атина, Родос, Бари, Валенсија и Агадир.
Од аеродромот Гетвик соопштија дека пистата била затворена кратко време и дека повеќето пренасочени летови подоцна се вратиле. Сообраќајот бил нормализиран по повторното отворање на пистата.
