Премиерот Христијан Мицкоски не е оптимист дека ќе постигнат договор со опозицијата за донесувањето на Изборниот законик, за што рокот истекува денеска, но, сепак ги повика претставниците на опозицијата на одговорност.
Мицкоски потенцира дека не се вистинити тврдењата на опозицијата оти Изборниот законик не е дел од реформската агенда и дека тоа е така потврдила и еврокомесарката Марта Кос при неодамнешната посета на земјава. Вели дека претставниците на опозицијата прават се да не стигнеме каде што треба, но оти и со нив и без нив, Владата продолжува да ги реализира стратешките цели, а тоа е полноправно членство на земјата во ЕУ.
– Не сум оптимист, затоа што имаме работа со неодговорни и незрели политичари во опозицијата. Ние како владина коалиција го усогласивме нашиот став и на маса им кажавме – еве договорете се, напишете го, донесете го, сè додека гласањето на дијаспората е вклучено во него, ние бланко ќе го поддржиме. Поминаа денови, тие се натегаат кој кого ќе го викне и каде ќе се одржи тој состанок помеѓу опозицијата. Јас денеска еве ги повикувам на зрелост, на одговорност, и претседателите на ДУИ, СДСМ, Левица, крилото на Зијадин Села, на Арбен Таравари, да седнат заедно како опозициски партии, да се договорат и нека донесат закон во којшто е вклучено гласањето на дијаспората, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при посетата на Општина Сарај.
