Ослободителната пресуда на Груевски е последица на законските измени во Кривичниот законик (КЗ) донесени од претходната влада на СДСМ и ДУИ и како резултат на тие законски измени имаше и ќе следат многу политички амнестии, рече премиерот Христијан Мицкоски кој ја коментираше пресудата за „Талир 2“, предмет во кој првообвинет беше експретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за незаконска изградба на „Белата палата“.
„За другиот дел од пресудата и лицето кое што е опфатено со другиот дел од пресудата, од она кое што можев да го прочитам од одговорот на Кривичниот совет од Основниот суд, можам да заклучам дека станува збор за последица од законските измени во Кривичниот законик донесени од претходната влада на СДСМ и ДУИ. И како резултат на тие законски измени, ние кажавме, во минатото имаше многу политички амнестии, но многу политички амнестии ќе следат. За жал, кога еднаш ќе направите грешка, таа грешка потоа станува правило и ве следи. А што се однесува до најголемата политичка партија во државата, ВМРО-ДПМНЕ, можам да кажам дека конечно правдата е задоволена“, рече Мицкоски.
Мицкоски вели дека со случаи како „Талир 1“ и „Талир 2“, ВМРО-ДПМНЕ била предмет на политички прогон и ги нарече измислени случаи. За делот на пресудата со кој се одби барањето на Обвинителството за конфискација на партискиот имот, Мицкоски оцени дека е донесена „пресуда која е во согалсност со правдата и очекувањата на граѓаните“.
„Мојот став е многу јасен. ВМРО-ДПМНЕ во тој период кога беше предмет на политички прогон и би рекол еден вид на агресија од страна на претходната Влада, измислија случаи кој не постојат, како што е „Талир 1“ и „Талир 2“. Вчера, конечно, судот што се однесува до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ донесе пресуда која што е пресуда во согласност на правдата и сето она кое што претставува очекување на граѓаните“, рече Мицкоски.
По 8 години судење, судот вчера донесе ослободителна пресуда за Груевски и го одби барањето на обвинителството за конфискација на партискиот имот.
Измените во КЗ го ослободија Груевски од „Талир 2“ – одбиена конфискацијата на партискиот имот
