Го користел владиниот лирџет за лични цели, тој и сопругата си возеле рент а кар платени со државни пари за транспорт на бегалците од Авганистан, не го отпуштил пилотот кој не можел да го вози владиниот авион. Обвинителството поднесе обвинение за злоупотреба на службена положба против поранешниот директор на СОЗР Пеце Мирчески и му пресмета дека предизвикал штета од околу 8 милиони денари односно околу 130 илјади евра.
Обвинителството утврдило дека Мирчески упатувал вработени во СОЗР на службени патувања и потпишувал дневници без да постои основа за такви патувања, но и дека екс директорот на Службата го користел владиниот авион за приватни потреби.
За приватни потреби и без да постои основ го користел владиниот авион Лирџет 60, а при патувањата од сметката на СОЗР се вршени плаќања по разни основи. Освен тоа, за хотелски и угостителски услуги обвинетиот неосновано користел средства од службената картичка издадена на негово име. На тој начин го оштетил Буџетот на СОЗР за значителен вкупен износ од 2.562.139 денари. (41.600 евра)
Делата за кои се товари Мирчески, според обвинителството биле извршени меѓу јули 2021-ва и јуни 2024. Во последната година од мандатот му овозможил на пилот на лирџетот да зема плата иако знаел дека тој пилот не ги исполнува условите за да лета со владиниот авион. Пилотот зел околу 80 илјади евра плати за период од 8 месеци.
Обвинителството соопшти и дека Мирчески потпишал со фирма за рент а кар за транспорт на авганистански бегалци, а за време и по престанокот на неговиот мандат, директорот и неговата сопруга користеле возила рен а кар без да платат на фирмата и патувале низ Македонија, но и во странство. За фирмата не се најдени докази и е прекината истрагата.
Миомир Серафиновиќ
