На партиска конвенција, ден пред официјалниот старт на изборната кампања, СДСМ ги претстави своите кандидати за градоначалници и носители на советничките листи.
Претседателот на партијата Венко Филипче во говорот ги нагласи критиките на функционирањето на актуелната власт. Тој смета дека државата и граѓаните „живеат под последиците на апсолутна власт“ која работи за себе, а граѓаните се на последно место.
-Помина речиси година и пол откако ВМРО-ДПМНЕ има целосна централна власт и четири години откако имаат мнозинска локална власт. Ова е доволно време граѓаните да видат со кого си имаат работа. Наместо резултати, власта продолжи со старите политики на лажен ПР, напади врз опозицијата, партизација на институциите и нејасна стратегија за тоа каде ја водат државата и граѓаните. Наша должност е да ја запреме разулавената власт. Наша должност е да се обединиме и да го спречиме рушењето на нашиот заеднички дом и на сето она што сме го постигнале“, порача Филипче, претседател на СДСМ.
Изгубивме затоа што граѓаните не казнија, рече Филипче кој вели дека по ланските избори несе исполнети очекувањата на граѓаните. СДСМ и нивната коалиција за своите кандидати смета дека се најдобриот можен избор, а Филипче порача дека избраните „својот збор да го дадат пред граѓаните, а не пред партијата, да работат со отворени врати, да се однесуваат скромно, да одговараат на секое прашање и да носат одлуки во јавен интерес“.
Една од темите на конвенцијата е и резолуцијата за евроинтеграциите на Македонија која СДСМ ја обзнани минатата недела.
-За јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ не се преговара со Европската Унија — јасно како ден,“ рече Филипче и додаде дека „уставните измени треба да бидат последната пречка и нема да има нови барања или прашања од билатерален и идентитетски карактер“.
Филипче пред сопартијците и кандидатите повика на обединување во партиските и социјалдемократски редови за претстојните избори бидејќи на државата и треба силна опозиција.
Миомир Серафиновиќ
