Истрага за причините за пожарот во селото Трубарево во магацински објекти на фирмата Ф-групација која се бави со управување со опасен отпад отвори обвинителството. А во тек се полициски распити на повеќе лица. Од обвинителството велат и дека јавен обвинител презема дејствија за утврдување важни факти и обезбедување докази за понатамошна постапка.
Јавниот обвинител издава наредби за обезбедување на целокупната документација за работата на компанијата во чии магацини настана пожарот. Во следниот период, по создавање на услови и обезбедување на податоци за видот на складираните објекти, ќе биде наредено вештачење за да се утврди видот на контаминација и последиците од загадувањето, соопшти обвинителството.
Оттаму додаваат и дека во овој момент нема услови да се врши увид на лице место во опожарениот објект, а припадниците на МВР и натаму се задолжени да ограничуваат пристап на сите неовластени лица и на лица кои немаат соодветна заштита.
Инаку Ф- групацијата е основана 1998 година. Од 2015 се бави со обработка и отстранување на опасен отпад. Претходно дејноста и била друго обновување на отпадот. Се работи за семејна фирма. На бизнис мрежа се уште стои дека сопственик е Даниела Нелепа Дамеска, иако починала во април годинава. Нејзината ќерка Лора Дамеска е директорка на фирмата од февруари годинава, како и на подружницата „ЕЕ-Рециклажа“.
А на лице место беше и премиерот Христијан Мицкоски кој упати порака до граѓаните дека подметнувања и диверзии ќе има и во наредниот период. Имал информации од каде доаѓаат, односно од центри внатре во држвата и надовор, но не одговори конкретно кои се. Мицкоски информираше дека приведени се 4 лица во врска со пожарот. А како што дознава Телма, станува збор за лица кои се дел од управувачката структура на фирмата, меѓу нив и сопругот на починатата сопственичка.
Може да забележите дека сите останати отпади кои што се во периметарот на местото каде што имаше пожар, ги гледате условите под кои што работат, а исто така ги гледаме условите под кои работат отпадите ширум државата. Ако мене ме прашате тоа не се услови под кои што треба да работат. Истовремено сите овие хибридни и физички настани кои се случуваат ќе ги таргетираат ваквите слаби страни во државата и ќе се случуваат, изјави Мицкоски.
А сомнежите дека пожарот е подметнат уште еднаш денеска ги изнесе и првиот човек на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Од она што како моја почетна перцепција го имам од разговор со сопственикот за да се запали овој пожар од ваков обем бара сериозен напор. Самозапалувањето не почнува со толку силен интензитет, смета Ангелов.
Ангелов не знае дали имало камери, но во секој случај и да ги имало се изгорени, ниту дали објектот имал обезбедување. Не се работело за штали, туку за постари ѕидани објекти. Според него, не се знае ни количината на ризичниот електронски отпад.
Но, директорката на Државен инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска изјави дека фирмата треба да има евиденција за тоа колкав и каков отпад примила, а тоа допрва ќе го утврдува инспекторатот.
Ќе им помагаат и инспектори од други градови. Имаат информации дека објектот имал и видео надзор, но не се знае дали бил во функција и се во комуникација со секторот за економски криминал при МВР.
Потврди дека последната издадена дозвола на фирмата е од 2021 година со рок на траење од 10 години. Од 2021 година до 2023, имало инспекциски надзори кои не покажале никакви неправилности во работењето.
Моментално инспектори од животна средина утрово влего во Ф-групацијата на која административните простории и се на друго место не се кај складиштето и се обезбедени сите потребни документи кои се потребни за да направиме записник согласно нашите надлежности. По составување на записникот ќе биде инфомирана јавноста и надлежните институции. Во постојна координација сме со МВР и јавното обвинителство, изјави Гиновска.
Не одговорија дали објектот имал заштитна опрема против пожари. Инаку фирмата има дозвола за обработка на 64 видови на отпад. Ова не и е прва дозвола. Тоа го потврди и директорката Гиновска.
Во еден извештај на Министерството за животна средина, кој е јавно објавен може да се види и дека фирмата во минатото извезувала отпад, односно во 2019 година во Словенија.
Во 2023 година, фирмата остварила профит од околу 50 илјади евра. Лани далеку помалку или само нешто над 8 и пол илјади евра. Добивката на фирмата отишла во негатива за речиси 83 отсто.
Ф-групацијата е и основач на Македонската асоцијација за управување со цврст отпад МАСВА. Нелепа-Дамеска била и претседател на групацијата.
Марија Митевска
