Љупчо Пецов Ѓаволот осомничен во случајот „Синџир“, кој е во бегство, слободно се шета низ земјава. Иако МВР го бара со меѓународна и национална потерница, според сознанијата на Телма, осомничениот бил на нотар, на државната клиника и по приватни болници. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција информацијата дека Пецов Ѓаволот е во државава и во главниот град ја утврдило минатата недела откако неговиот адвокат до Кривичниот суд побарал притворот да му биде заменет со куќен притвор во негово отсуство, за што понудил гаранција и документација од државни институции. А обвинителството обезбедило и видео на кое се гледа Ѓаволот.
„Обезбените докази се доставени и до ОЈО Скопје заради утврдување на елементи на кривични дела од нивна надлежност. Во исто време, имајќи предвид дека лицето е во бегство, дека истото влегло на нелегален премин што ја потврдува веројатноста дека кога сака може повторно да излезе од државата, како и фактот дека не се променети и другите околности врз основа на кои предложило притвор, обвинителството до Основниот кривичен суд достави негативно мислење по однос на првиот предлог“ , велат од ОЈО ГОКК за Телма.
Од МВР велат дека се во потрага по сомничениот.
„Министерството за внатрешни работи е во постојана комуникација со надлежните служби од државите во кои според оперативните информации лицето би можело да биде лоцирано. Во случај на пронаоѓање, ќе следат сите неопходни мерки и активности, со цел негово враќање во државата“, велат од МВР.
Пецов Ѓаволот до Кривичниот суд понудил гаранција, односно хипотека на недвижен имот во вредност од 1 милион евра за да не оди во притвор.
„Изминатиот период неговиот бранител до судот има доставено предлог за укинување на мерката притвор односно нејзина замена со поблага мерка за обезбедување со понудена гаранција во недвижен имот, кој предлог е доставен на мислење до надлежното обвинителство, а по кој предлог дополнително треба да се одлучува. Односно во моментов за лицето сеуште е активно решението со кое му е определена мерка притвор од негово пронаоѓање“, велат од Кривичниот суд.
Љупчо Пецов Ѓаволот од Неготино заедно со Стојан Чифлигароски од Битола, кој исто така е недостапен за органите на прогон се осомничени дека се организатори на групата која вршела даночни затајувања преку фиктивни фактури. Останатите обвинети меѓу кои багеристи, возачи и бравари беа осудени за финансиски криминал од 8 милиони евра.
Пецов поседува фирма и во Бугарија, Алма компани од Петрич, а сомнежите беа дека се крие кај источниот сосед. МВР ја распиша меѓународна потерница на 3 ноември 2023 година, само неколку дена по апсењата во случајот Синџир.
Инаку членови на семејството Пецови во 2014 година беа осудени дека преку нивната фирма „Алма комерц“ од Неготино точеле помалку нафта од предвиденото во договорените тендери со што го оштетиле Буџетот за речиси 3 милиони евра. Таткото Ангел и синот Љупчо беа осудени на по 9 години затвор, а мајката Мариче на 7 години.
Марија Митевска
