Министерот за економија Бесир Дурмиши денеска го посети Центарот за вработување во Тетово. Посетата се случува само ден по инцидентот со екипата на Телма, кога по барање на директорот на Центарот за вработување во Тетово и други присутни лица тие беа приморени да избришат дел од снимениот материјал за секојдневните гужви.
За попречување на работата на дописникот на Телма реагираше и ЗНМ од каде соопштија дека особено загрижува фактот што снимателот бил принуден да ги избрише снимките. Екипата на Телма известуваше за долгото чекање на граѓаните при поднесување документи за мерките за самовработување, во што се увери и самиот Дурмиши.
Тој самиот затекна многу граѓани кои чекаа во ходниците и кои се загрижени дека нема да стигнат навреме да аплицираат.
Дурмиши најави пролонгирање на рокот за една недела, и ги увери и сите заинтересирани дека ќе имаат можност да се пријават.
Директорот на Центарот за вработување во Тетово Нехат Османи денеска објаснуваше дека долгото чекање на граѓаните било поради проблемите што ги имале со интернетот но и поради малиот број на компјутери.
„ Од утре нема да ги видите овие гужви“, рече Османи.
ЗНМ го осудува попречувањето на новинарска екипа на Телма во Тетово и бара итна истрага
