Вести Македонија Топ вести

Фирма на Ѓаволот повторно осомничена за затајување данок

Нова кривична пријава против фирмата „Тритерол петрол“ и нејзиниот директор Зоранчо Ангелов. Управата за финансиска полиција соопшти дека поднела кривични пријави против тројца луѓе и две фирми поради даночна измама и даночно затајување со што го оштетиле буџетот за над 90.000 евра.

Директорот Ангелов се сомничи дека во април и во мај минатата година изготвил лажни фактури за набавка на стоки и услуги од фирмата „ИНО КОМ“ од околу 500.000 евра во која пресметал ДДВ од 18 отсто од околу 80.000 евра, со што ја намалил даночната обврска на фирмата „Тритерол петрол“.

Потоа, во мај и во јуни, исплатил дел од фактурите од околу 150.000 евра, но на друга фирма со слично име „ИНО КОМ Интернационал“, која, според Финансиската полиција, токму тогаш била основана наменски за таа цел.

Кривични има и против сопственикот на новооснована фирма и против човекот што ги подигнал тие 150.000 евра.

Сопственик на „Тритерол петрол“ е Љупчо Пецов Ѓаволот, кој е во бегство, откако беше осомничен за слични дела во случајот „Синџир“, во кој сопственици и директори на 20-тина фирми беа обвинети дека со лажни фактури го намалувале даночниот долг. Петнаесетина обвинети признаа вина и добија затворски казни, а против останатите процесот е во тек.

Пецов, директорот Ангелов и уште 24 лица во март годинава добија кривична пријава од штипската полиција под сомнеж дека добиле тендер од 2,5 милиони евра за испорака на нафта за греење во градинките и училиштата во Штип, но испорачувале помали количини од предвиденото, со што го оштетиле буџетот на Општина Штип за 300.000 евра.

Фирмата „Тритерол петрол“ само оваа година има добиено 74 тендери од јавни институции, најчесто за набавка на нафта од над два милиони евра.

Пецов и неговиот татко и мајка во 2013 година беа осудени во аферата „Керозин“, бидејќи преку фирмата „Алма комерц“ точеле помалку нафта од предвиденото со договорите за јавни набавки и со тоа го оштетиле Буџетот на државата за речиси три милиони евра. Пецов беше осуден на девет години затвор, а потоа казната му беше намалена на седум години.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Веднаш и сега акција, зошто губиме цели генерации, порачува професорката Стојаноска за врсничкото насилство во Аеродром

Sasko Dimovski

Илјадници амандмани за блокада на нов Изборен законик

Sasko Dimovski

Дурмиши во посета на Центарот за вработување во Тетово, по инцидентот со екипата на Телма

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе