Неколку илјади домашни и странски посетители се очекува да бидат дел од годинашната Галичка свадба од 10 до 12 јули. Вековна традиција, исполнета со свадбарски обичаи, автентични носии, изворни песни и ора кои претставуваат живо сведоштво за богатото културно наследство на мијачкиот крај. Во центарот на вниманието на ќе бидат галичките младоженци Александар Пендароски и Мартина Михајлова.
Секоја година се зголемува интересот на новите генерации, но и воопшто бројот на домашни и странски посетители за живописниот Галичник кој повторно ќе биде домаќин на една од најпрепознатливите и најавтентични културни манифестации во Македонија – „Галичка свадба“. За Александар Пендароски и Мартина Михајлова, годинашните младоженци сето ова има посебна симболика, бидејќи родителите на Александар пред 35 години се венчале во Галичник.
- Им благодарам многу на организацијата и месната заедница што стојат позади нас и заедно вежбаме околу обичаите, ги повторуваме постојано. Се надевам дека сите што можат ќе присуствуваат и ќе си имаме едни заеднички моменти што ќе си ги паметиме и ние ќе дадеме се од себе и се да биде како што треба – Александар Пендароски, младоженец.
- Минатата година за прв пат имав прилика да присуствувам на Галичка свадба и бев воодушевена од убавината на самата традиција, на сите обичаи и без двоумење прифатив оваа година да бидам галичка невеста. За мене е огромна чест јас да бидам дел од една прекрасна македонска традиција што има огромно значење за сите нас – Мартина Михајлова, галичка невеста.
- Би сакал да кажам дека не е само дека ја негуваме традицијата гледајќи во минатото, ова ја претставува и иднината. И младенците со крунисувањето на оваа љубов, ја славиме љубовта, ја славиме иднината и ви посакуваме уште многу години да славите, а ние ќе бидеме тука со вас на сите убави случувања – Огњен Лазиќ, генерален директор на Пивара Скопје.
Галичката свадба на времето траела повеќе и од седум дена, но ние сето тоа го сублимираме во два дена во кои се претставуваат традицијата и обичаите, вели Караѓозовски.
- Оваа година секогаш сакаме да промениме нешто, да додадеме нешто. Ќе воведеме два нови обичаи кои се правеле пред почетокот на Галичката свадба тоа е„ Замесување на сваќата“ и „Редење на ситото“. Тие се доста интересни и прв пат ќе бидат претставени пред публиката – Огнен Караѓозовски, претседател на месната заедница „Галичник“.
Годинашната Галичка свадба која трае три дена традиционално ќе започне во петок, 10 јули, со културни и забавни содржини. Во недела, 12 јули, е денот на венчавањето на младенците во црквата „Св. Петар и Павле“, по што свеченоста ќе заврши со традиционалното испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.
Нина Стефанова
