Првиот парламент по соборувањето на поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад е формиран денеска со објавувањето на списокот на 70 пратеници кои ги избра привремениот лидер Ахмад ал-Шара.
Шефот на сириската изборна комисија, Мохамед Таха ел-Ахмад изјави дека новиот парламент, кој ќе брои вкупно 210 членови, ќе ја одржи својата прва седница в понеделник, пренесува „Ен-Би-Си Њуз“. Пратениците тогаш ќе положат заклетва и ќе биде избран Претседателскиот совет на парламентот.
На списокот од 70 пратеници што ги одбра Ал-Шара има 15 жени, со што бројот на пратенички во парламентот се зголеми на 22.
Сириските власти ја спроведоа првата фаза од парламентарните избори во октомври, со исклучок на јужната провинција Свејда, која е под контрола на вооружени Друзи кои се противат на централната влада. Гласањето во тоа време не се одржа ниту во североисточниот дел на Сирија, кој беше под курдска контрола.
Изборите на североистокот на Сирија се одржаа во мај, откако владините сили ја презедоа контролата врз таа област за време на судирите на почетокот на оваа година. Сè уште не е одреден датум за гласање во Свејда, но двајца претставници од тој регион се најдоа меѓу имињата што Ал-Шара денеска ги објави.
Парламентот ќе има мандат од 30 месеци и ќе работи на нов изборен закон, додека го подготвува теренот за гласање на следните избори.
Сирија беше без парламент од офанзивата на бунтовниците во декември 2024 година, предводена од сега веќе згаснатата група Хајат Тахрир ал-Шам, со која се стави крај на владеењето на династијата Асад.
