Вести Свет Топ вести

Колони возила пред бензиските во Русија – украинските напади врз нафтената инфраструктура предизвикаа недостаток на гориво

Интензивирањето на украинските напади врз руската нафтена индустрија изминативе три месеци започна да дава резултат, иако од руска перспектива, негативен. Долги редици на бензинските пумпи станаа секојдневие, а одредени региони воведоа и рестрикции на количината колку едно возило може да наточи гориво.

Мислам дека ситуацијата не е многу добра. На телевизија кажуваат едно, но реалноста е сосема друга. Многу луѓе чекаат за бензин, не знам. Насекаде има редици, вели еден жител на Москва, кој чекаше ред на бензинска станица.

Ситуацијата стана доволно сериозна што ниту рускиот претседател не може да ја игнорира, иако инсистира дека таа е далеку од критична.

Овие напади врз нашата инфраструктура секако дека создаваат проблеми, тоа е очигледно. Во моментов имаме одреден недостаток, иако јас би рекол дека тоа не е критично, оцени Путин.

Но, од април до сега Украинците извршија најмалку 40 напади врз нафтената инфраструктура во Русија, концентрирајќи се особено на Крим, каде и покрај тврдењето на Путин, ситуацијата е веќе критична. Според јавно достапните податоци од Русија, рафинирањето сирова нафта е намалено за 25 проценти, додека производството на бензин за 17 посто и тоа доаѓа во многу важен момент за руската економија.

-Општо прифатеното мислење е дека околу една третина е во прекин, и тоа доаѓа во клучен период за руската економија, за земјоделската сезона, особено сезоната на жетва која сега зема замав. Ова е период каде има голема побарувачка за дизел во земјоделскиот сектор, вели Крис Вифер, бизнис консултант за Евроазија и извршен директор во Macro-Advisory Ltd.

———————————————————————

-Сѐ замре. Сите ги испратив дома, не можеме ништо да работиме. Само јас останав овде, рачно наводнувам и ги хранам животните. Имаме резерва на вода, доволно да се навади овоштарникот со јаболка уште три пати, и ќе се потроши. Имаме пумпа за вода на дизел, но нема дизел, и затоа не можеме да испумпуваме, вели земјоделцеот Виктор Гелвер.

Проблемот за Русија не е во тоа што нема нафта, таа сепак е еден од најголемите производители на енергенси. Нафта и бензин има, но тие не можат да бидат транспортирани до регионите каде што во моментов ги нема.

Дополнителен проблем е обновата и реконструкцијата на уништените или оштетени рафинерии и складишта, затоа што станува збор за технологија која се набавува од странство, а Русија е подложена на строги санкции кои ја отежнуваат таа набавка.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Филипче: Изборниот законик како што е предложен не е ниту европски, ниту демократски

Дејан Дејан

Управен суд: Филозофскиот факултетот донел незаконита одлука кога на студентка на трет циклус и ги прекинал студиите

Tea Dimkovska

Директорот на ДИЗ Васе Анакиев го блокирал увозот на вештачко ѓубре додека не добил 50.000 евра

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе