Вести Македонија Најважни

Пумпи, лопати и багери – се санираат штетите по невремето во Скопје

Жителите на зграда на улицата „Димо Хаџи Димов“ во скопската Населба Кисела Вода чекаат надлежните да ја испумпаат водата од гаражата за да може да видат колкава е штетата на паркираните возила, а некои од нив, пак, имале магацински простории во кои сè што чувале е уништено.

Водата се испумпува со механизација од приватна фирма, а од Кризниот штаб на Општината е побара помош во пумпи од повеќе општини и владата за да може што е можно побрзо да дејствуваат на десетината локации каде се поплавени подрумски и гаражни простории.

„Нѝ се одзваа и општествено одговорни фирми, пријатели, сè што имавме, побаравме помош, нели, ние како Општина со нашите ресурси кои ги имаме…. И еве веќе ситуацијата можам слободно да кажам е под контрола“, изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.

Поплавени улици, надвозници, кружни текови, парализиран сообраќај… Ова е епилогот на тричасовното невреме кое го зафати Скопје, но и повеќе делови од државата. Штетите допрва се пријавуваат и се утврдуваат, а единствениот телефонски број 112 во ЦУК не престанува да ѕвони.

„Најголем дел од пријавите се од Скопскиот регион, каде се евидентирани поплавени подвозници, кружни текови, улици, куќи, подрумски и гаражни простории, деловни објекти, како и зголемено ниво на водостојот на одредени критични точки. Пријави за поплавувања и интервенции има и во Куманово, каде се поплавени подрумски простории, станбени и деловни објекти, како и во Струмица и во Радовиш, каде се регистрирани паднати дрвја, жици и бандери. Надлежните институции, противпожарните единици, јавните комунални претпријатија и останатите служби се на терен, постапуваат по сите пријави и работат на санирање на последиците“, информира Надица Вчкова, портпаролка на ЦУК.

Од ДЗС, пак, соопштија дека досега од нив не е побаран помош во ресурси, односно пумпи за испумпување на водата.

Невремето во Скопје го парализираше сообраќајот, бидејќи беа поплавени сите веќе добро познати црни точки, подвозниците во Кисела Вода, Центар и Бутел и кружните текови кај хотелот „Континентал“, кај Цементара и кај Железара. Покрај тоа, целосно под вода беа 10-тина сервисни улици во Аеродром и во Кисела Вода. Полициските службеници излегоа да го регулираат сообраќајот кој беше целосно во колапс околу 17 часот.

Штета од невремето претрпе и МАНУ каде е поплавен подрумот и гаражата, но водата го оштетила и главниот хол и амфитеатарот.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, нешто по 18 часот преку социјалните мрежи, соопшти дека сите улици се проодни, а на терен се испратени над 1.000 работници од јавните претпријатија.

Од УХМР, пак, предупредуваат дека нови врнежи се очекуваат во наредните денови.

„Вака нестабилно време ќе се задржи и во текот на утрешниот ден и во петок, со повремени врнежи од дожд и грмежи. Локално, и во наредните два дена ќе имаме поинтензивни процеси во форма на невреме, со пообилен дожд за кратко време, силни електрични празнења, силен ветер и појава на град“, соопшти од Јулијана Фиданоска Мишкоска, дежурен синоптичар во УХМР.

Еден од клучните фактори кои влијаат на сè поголемиот број на точки кои се поплавуваат при обилни врнежи е недостатокот на атмосферска канализација. Во Скопје има околу 400 километри атмосферска канализација со која се покриени само 40 отсто од улиците тоа се улиците под надлежност на градот додека сервисните улици во општини речиси и да немаат функционална атмосферска канализација која ќе ги прибере и канализира врнежите.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Возел со 177 км на час – уапсен возач кој двојно ја надминал максимално дозволената брзина на управување со возило

Дејан Дејан

Силен дожд и град ги уништија посевите во повеќе струмички села

Sasko Dimovski

Изборното законодавство треба комплетно да се ремонтрира, смета Давитковски

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе