Предлогот за разрешување на државниот обвинител, напишан во министерството за правда, утре ќе се разгледува на владина седница, па дури потоа ќе патува кон Советот на јавни обвинители. Потоа советот во рок од 15 дена ќе закаже седница на која ќе одлучува какво мислење ќе даде, но министерот за правда веќе се изјасни дека и со негативно мислење, процедурата за разршеување ќе продолжи во Собранието кое го има последниот збор.
„Како Влада ќе продолжиме да преземаме активности кои се во насока на подобрување на функционирањето на правосудниот систем, довербата на граѓаните е сериозно нарушена и затоа сме силно посветени конечно да владее правото и да имаме правна држава“, велат од владата.
Членовите на Советот пред себе ќе ги имаат образложени причините поради кои Владата сака да го разреши Коцевски. Дали деталите ќе дојдат и до јавноста, за сега е неизвесно. Од правда преку соопштение во петокот наведоа неколку причини, без конкретни податоци. Нарушена функционална, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење, повреда на принципите на организација и самостојноста на обвинителите во Вишото јавно обвинителство но и обвинување дека Коцевски постапувал во предмети за кои постои сомнеж за неговата непристрасноста и судир на интереси.
Деновиве претставници на власта открија каде го гледаат судирот. Коцевски е член по функција во Советот, каде до спогодбата фотелја имаше и Иџет Мемети, а државниот обвинител го има и последниот збор за спогодбите. Од обвинителството одговорија дека ниту во овој, ниту во друг предмет, Коцевски не бил во ситуација на судир на интерес.
Од соопштението од Правда меѓу редови може да се прочита дека власта на Коцевски му забележува за состојбите во вишото скопско обвинителство, но дека ги зела предвид обвинувањата од двајцата суспендирани обвинители Хајрулахи и Цветановски, според кои Коцевски вршел притисок за предметот за бонусите на СЈО. Државниот обвинител негираше и рече дека целата хајка против него е затоа што иницирал надзор за да се утврди кои обвинители повлекувале жалби и зошто.
По надзорот, Коцевски иницираше дисциплинкси постпаки против нив, а минатата недела Цветановски одговори и со кривина пријава против Коцевски.
Елена Ивановска Мукоска