Независноста на судството во Македонија е загрозена од притисок и мешање на други државни инстанци. Ова го нотира Европската комисија, која во новиот Извештај за владеењето на правото во земјава посочува дека тоа не е единствена закана за независноста на судството.
„Мешањето и притисокот од другите државни гранки продолжуваат да предизвикуваат сериозни загрижености во врска со почитувањето на судската независност. Независноста на судството и автономијата на обвинителството се поткопани од недоволна буџетска распределба. Постапката за разрешување на главниот обвинител откри ризик од политизација и недостатоци во правилата за разрешување“, констатира Европската комисија.
Недостигот од судии и обвинители, неиздвојување на доволно средства за судската администрација, дигитализацијата на судството, како и несоодветната соработка меѓу институциите исто така се нотирани како слабост на македонското судство.
Генералниот заклучок за правосудниот систем е дека неговата ефикасност продолжува да опаѓа, како што се зголемува времетраењето на постапките во речиси сите судски случаи, со исклучок на кривичните. Во Извештајот се наведува дека перцепијата за судска независност во земјава останува многу ниска – 21 процент кај јавноста и 19 проценти кај компаниите, со значително намалување од лани, пред се поради перцепцијата за мешање или притисок од Владата и политичарите, но и од биснис секторот и други интереси.
Во делот на борбата против корупцијата се наведува дека и покрај неодамнешните напори за истражување и гонење на корупцијата, одложувањата на судските постапки, ретките конечни пресуди и ограничените ресурси и понатаму го попречуваат развојот на следење на случаи на корупција на високо ниво.
Јавните набавки остануваат област со висок ризик за корупција, додека јавното здравство продолжува да биде подложно на широко распространета ситна корупција, се констатира во Извештајот. Во делот на борбата против корупцијата опфатени се и политичките партии.
„Ефективниот надзор врз кампањите и финансирањето на политичките партии продолжува да биде засегнат од несоодветното законодавство и недостиг на ресурси во Државната комисија за спречување на корупцијата“, наведува ЕК.
За Антикорупциска пак се наведува дека таа презела чекори за обновување на довербата во неа.
Собранието пак ја подобрило својата ефикасност, но Комисијата констатира додека значителен број закони биле донесени по скратена постапка. Се изразува загриженост и во врска со процедурите за избор врз основа на заслуги, при назначувања на позиции во независни инситуции од страна на Собранието.
Комисијата констатира и дека нема подобрување во финансиската состојба и со човечките ресурси во канецеларијата на Омбусманот и на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, додека спроведувањето на законот за пристап до информции од јавен карактер е недоследно. Во делот на слободата на медиумите се нотира дека новинарите се соочуваат со притисок од политичарите, зголемено онлајн насилство и закани од СЛАП тужби, додека нивните работни услови не се подобрени.
Тамара Грнчароска
