Тивки, брзи и се почесто надвор од правилата. Електричните тротинети требаше да донесат поуреден сообраќај, но наместо поголема безбедност, се почести инциденти. Законот стапи во сила, казните се високи, но дали правилата остануваат само на хартија? Граѓаните велат законот се почитува и сметаат дека ќе донесе поголем ред.
Но дали новите законски одредби ќе ја променат сообраќајната култура или електричните тротинети и понатаму ќе бидат опасност за пешаците и другите учесници во сообраќајот?
– Многу добро е направено за малолетниците затоа што не внимаваат, а за возрасни се знае нормално дека внимаваат повеќе.
– Да малку се пребрзи. Јас инаку живеам во Германија таму е со 20км на час, не смеат повеќе да возат.Тоа е така таму до 20, овде изгледа е 25, 30км и побрзо. Јаспредмалку видов еден возеше мислам дека и со 50км на час.
– За малолетниците се сложувам дека за двајца да се возат, се сложувам дека не треба.
– Голем ризик има, особено младите. Има и жртви а принципите не ги почитуваат и требс да се размисли за нивната примена, велат граѓаните.
Законот е добар чекор кон поголема безбедност, но одредени решенија се донесени пребрзо и ќе треба дополнително да се прецизираат, сметаат експертите.
– Делот на тоа што е врзано само со старосната граница, а не со претходно познавање на основните правила и прописи за безбедно учество во јавниот сообраќај. На тој дел сметам дека е избрзана одлуката, но никогаш не е доцна сметам дека има простор во некои следни измдни да се обрне поголемо внимание на тој дел. Исто така сметам дека и делот за движење на тротоарите каде што нема велосипедска патека не е добра одлука бидејќи доаѓа до конфузија со пешаците и ја намалува безбедноста на пешаците и тротинетите, изјави Миле Стојменов експерт од областа на безбедноста во сообраќајот.
Во меѓувреме, полицијата со засилени контроли на терен за да утврди дали се почитуваат новите законски одредби.
Според законот, електричен тротинет смеат да управуваат само лица постари од 18 години. Доколку тротинет управува малолетник, на местото на настанот ќе биде повикан родител или старател, по што ќе следува соодветна законска постапка.
Забрането е на еден тротинет да се возат две лица, а максимално дозволената брзина е 20 километри на час.
За прекршување на правилата се предвидени казни до околу 300 евра, зависно од видот на прекршокот, а како дополнителна мерка е предвидено и привремено одземање на тротинетот во траење до еден месец.
Симона Петровска
