Вести Најважни Свет

Американците и Русите во Ријад, Европјаните во Париз – трансатлантските сојузници на одвоени самити за иднината на Украина

Американците и Русите во Ријад, Европјаните во Париз на одвоени самити за иднината на Украина. Се поочигледното американско дистанцирање ги натера лидерите на Европската унија попладнево да седнат на маса во француската престолнина. Свесни дека Вашингтон ја презеде клучната улога во процесот и соочени со реалноста дека нивната улога е сведена на набљудувачи, разговораа за сопствена безбедносна стратегија во контекст на Украина, но и усогласување на ставовите во новите трансатлантски односи. Изборот пред нив е јасен – или да се изнајде начин за враќање на влијанието во мировниот процес, пресврт што би им обезбедил место и на преговарачката маса, во спротивно би биле принудени да ги прифатат одлуките што ќе се донесат во Саудиска Арабија, а со тоа и поголема воена зависност од САД.

Германскиот канцелар Олаф Шолц по состанокот порача дека е иритиран од разговори за Украина без учество на Киев. Според него, Европа и САД мора заеднички да работат на безбедноста и повика на единство меѓу сојузниците.

Британскиот премиер Кир Стармер повтори дека неговата земја останува посветена на поддршка и помош за Киев, колку и да биде потребно. Побара безбедносни гаранции од САД и порача дека сите сакаат мировен договор, но дека мора да биде траен. Стармер изрази подготвеност за испраќање на британски војници како гаранти на мирот во Украина при потенцијален договор меѓу двете страни.

Но, не сите европски лидери го делат таквиот став. Полскиот министер за одбрана ја отфрли идејата за формирање на европска војска, нагласувајќи дека задача на неговата земја е заштита на источното крило на НАТО.

Итниот состанок во Париз наиде и на критики од земји членки на Европската унија, со забелешка дека немало поканети нивни претставници. Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар укажа дека на светот му е дадено до знаење за нееднаквиот третман внатре во блокот. Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто за денешниот настан во Франција рече дека е собир на лидери кои се залагаат за продолжување на војната во Украина додека во Ријад се прават напори за изнаоѓање на мировно решение. За словачкиот премиер Роберт Фицо, пак, лидерите на ЕУ немаат мандат да разговараат за улогата на Европа во било какво примирје во Украина, а за испраќање на мировни сили може да се разговара низ Обединетите Нации или преку билатерални договори.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Од 3.000 лиценци, прегледавме 2.810 и одземени се 427 – вицепремиерот Николоски за состојбата во градежништвото

Дејан Дејан

Почина Светлана Броз, внуката на Јосип Броз Тито

Дејан Дејан

Тројца убиени, 14 повредени – масовно пукање во САД

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе