Деветтите парламентарни избори од воспоставувањето на самоуправата во 2001-та а потоа и едностраното прогласување независност во 2008-та година, се одржуваат денеска во Косово.
Во исто време, ова е и прв пат по прогласувањето независност еден парламентарен состав во Косово да го комплетира својот мандат.
Нов и сончев зимски ден за првите редовни парламентарни избори во независно Косово, рече премиерот курти.
Тоа пред сѐ се должеше на убедливата победа на Самоопределување на минатите избори, но овој повеќе од јасен мандат што Албин Курти го доби од граѓаните го потроши на урнисување на односите со најголемите поддржувачи на Приштина, САД и ЕУ. Токму поради тоа, за аналитичарите ова се важни избори за иднината на земјата и нејзините односи со западните држави.
Убав ден, прекрасен ден, ден на демократијата и на овој демократски ден ги повикувам сите граѓани на Косово масовно да учествуваат во носењето на одлуката за нивната иднина во следните 4 години, изјави лидерот на демократската лига на Косово Лумир абдиџику.
Покрај тоа што повторно заглавија преговорите за нормализација на односите со Белград, Курти дополнително го предизвика гневот на српската заедница на северот на Косово со забраната за употреба на српскиот денар, регистарските таблички и апсења на Срби осомничени за воени злосторства. Србите одговорија со нови блокади и бојкот на косовските институции, зголемувајќи ги тензиите и стравувањата од повторно разгорување на етничкиот судир во земјата.
Што да правиме, овде сме родени, овде ни се гробовите. Ќе биде подобро, ќе биде. Се надеваме. Мораме да излеземе и гласаме, тоа е наша граѓанска должност, смета Милева Ковачевиќ од Косовска Митровица.
Предупредувањата за овие спорни чекори на владата на Курти од Вашингтон и Брисел од зборови се трансформираа во мерки. ЕУ замрзна одредени проекти за Косово пред речиси две години, но изминативе месеци излезе со рамка според која Приштина може да ги добие назад. Новиот удар сега пристигна од Вашингтон, со суспендирањето на сите проекти на УСАИД, кој има големо присуство во Косово.
Од овие избори очекувам промени, бидејќи изминативе 4 години ништо добро не донесоа, порача Мирадие Османи од Приштина.
Сите партии ветуваа грандиозни проекти, инвестиции и покачување на платите, но ниту една од нив во текот на кампањата не објасни како ќе биде финансирано сето тоа. Со помалку од 6.000 евра БДП по глава на жител, Косово се смета за една од најсиромашните држави во Европа.
Игор Трајков