Радост и солзи. Вака најблиските на трите израелски заложнички го следеа процесот на ослободување преку екраните. Илјадници сограѓани од плоштадот во Тел Авив не ги криеја позитивните емоции дека наскоро ќе ги видат жените кои 471 ден минаа заробени од борците на Хамас. Автомобилот на Црвениот крст, превезувајќи ги кон дома, мораше да се пробива низ толпата луѓе и борци на Бригадите на Касам кои беа вооружени до заби. Од јужен Израел со хеликоптер беа превезени во болница во Тел Авив на првична медицинска проценка на нивната здравствена состојба. Триесет и едногодишната Дорон Штајнбрехер, 28-годишната Емили Дамари и најмладата Роми Гонен, која во заробеништво наполни 24 години, се слободни. Ова се првите прегратки со нивните најблиски.
Се огласи и Хамас. Портпаролот на военото крило ја изрази подготвеноста на групата за почитување на договорот за прекин на огнот и размена на заложниците за затвореници. Но, додаде дека враќањето на сите заложници ќе зависи и од посветеноста на Израел. Евентуално прекршување на договорот, според него, директно ќе влијае врз безбедноста на преостанатите киднапирани лица.
Денеска во исчекување се Палестинците кои очекуваат 90 нивни сонародници да бидат ослободени од израелските затвори. Дел од раселените во Појасот се пакуваат и подготвуваат за враќање во нивните домови. Свесни се дека ќе наидат на рушевини, па затоа дел од нив се подготвени да подигнат и шатори на местото на куќите, само да се вратат од каде што заминаа.
Веднаш по стапување на сила на примирјето, низ преминот Рафа, минаа 95 камиони со хуманитарна помош, а дополнителни 4.000 чекаат за влезат во Газа.
Договорот за прекин на огнот во Газа беше причина за оставки на тројца министри во кабинетот на Бенјамин Нетанјаху. Меѓу нив и радикалниот Бен Гвир кој раководеше со министерството за национална безбедност и уште двајца негови сопартијци од партијата Оцма Јехудит која ја напушти владината коалиција, но порача дека нема да работи на уривање на владата на Нетанјаху.
Сашко Димовски