Вести Македонија Топ вести

Осомничениот за пожарот во Адвокатската комора во бегство – штета од над 150.000 евра

Истрага против 41-годишен скопјанец за пожарот во Адвокатската комора отвори обвинителството. Осомничениот е во бегство, а причинетата штета од пожарот се проценува на околу 150.000 евра. Тој се товари за тешки дела против општата сигурност. Сликата на лице место по пожарот беше искршено стакло и  непријатен мирис, а на таблата покрај влезот беше испишано „гасна комора“ и „вмро“.

„На 25 ноември, осомничениот со умисла подметнал пожар во просториите на Адвокатската комора на РСМ на ул. „Методија Шаторов – Шарло”, предизвикувајќи на тој начин значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од поголеми размери“, соопшти ОЈО.

Една недела претходно осомничениот набавил секира со гумирана рачка, плинска запалка, заштитни ракавици и 48 коцки за потпалување со керозин. На критичното утро, според обвинителството, со сопственото возило дошол во близина на зградата каде се сместени просториите на Адвокатската комора, маскиран со „фантомка” и со секирата ја скршил влезната врата. Коцките керозин ги наредил на скалите, а врз нив ставил повеќе плински боци и со употреба на плинската запалка ги потпалил. Со тоа предизвикал пожар од поголем обем во станбената зграда.

По 30-тина минути, осомничениот, со сопственото возило, преку граничниот премин „Блаце” ја напуштил државата. Обвинителството побарала притвор за осомничениот поради фактот што тој се крие и недостапен е за органите на прогонот, можноста да го повтори делото или да ја попречи постапката со влијание на сведоците. Мерката ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Од МВР за Телма потврдија дека е распишана потерница за пронаоѓање на осомничениот.

Од Адвокатската комора претходно го осудија насилниот напад и ги повикаа институциите да дејствуваат брзо и ефективно за да ги идентификуваат и приведат одговорните.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Заменскиот поевтин лек за болните од астма и ХОПС го нема во аптеки – Клековски најавува решение до петок

Дејан Дејан

Со владината одлука за геолошки истражувања во источниот регион се отвора патот за нови рудници – велат од Здрава Котлина

Дејан Дејан

Ниту се открива компанијата, ниту колку пари се потрошени – Општина Кисела Вода без конкретен одговор за пропаднатиот пат од Теферич до Сопиште

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе