Трет ден спротивставени мислења во Комисијата за финансирање и буџет. Власта е оптимист дека финансиската состојба в година ќе се подобри и очекува економскиот раст да биде над 4 одсто, што е повеќе од предвидените 3,7. Опозицијата се сомнева дека Буџетот е манипулативен и подготвен за предизборни цели на владеачките партии.
За власта развоен, за опозицијата недомаќински. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со спротивставени гледишта за Предлог-буџетот за наредната година. Едните се уверени дека државата ќе биде ставена на брза лента за развој, а другите гледаат нереални проекции креирани за предизборни цели. Расправата стигна до меѓусебно обвинување за манипулации, конкретно околу ЕСМ.
СДСМ потсетува дека голем број од проектите се веќе почнати од претходната Влада. Се работи за зафати кои не се реализираат во еден мандат и го поздравуваат продолжувањето на реализацијата.
Пратениците од мнозинството се оптимисти дека се што е предвидено за 2025-та, ќе се реализира. Очекуваат дека економскиот раст може да биде и поголем од предвидените 3,7 одсто.
Во собраниската Комисија за финансирање и буџет, расправата за буџетот трае веќе три дена. Се проектираат приходи од 5,8 милијарди евра и расходи од 6,5 милијарди. Владата најавува консолидација и економски раст, а опозицијата поднесе над 250 амандмани.
Соња Николовска
