И натаму е критична состојбата на трите повредени лица на железничката станица во Нови Сад. Сите се хоспитализирани во Клиничкиот центар „Војводина“ со тешки телесни повреди. Меѓу нив и жена околу која, според груба проценка на спасувачите, била покриена со околу 26 тони бетон. Ја спасило дел од носачите кои го задржале бетонот да не ја поклопи.
Иако сите служби пристигнале на местото за помалку од 10 минути, спас немало за 14 лица меѓу кои и македонскиот државјанин Васко Саздовски. По несреќата се собираат граѓани во Нови Сад, но и во други градови низ Србија. Се палат свеќи, се бараат одговори и одговорност. Голем протест се одржа и денеска во Белград, пред министерството за градежништво. Граѓани им покажуваа офарбани раце со црвена боја на полицајците кои, пак, не им дозволуваа да се доближат до зградата. Од таму се упатија кон Владата на Србија пред која оставаа црвени отисоци од дланките, испраќајќи симболична порака до властите дека „рацете им се крвави“.
Протестите и критиките, а особено опозициските обвинувања, министерот Дачиќ ги нарече политиканство. Тој повтори дека ќе има и политичка покрај кривична одговорност. Вишото јавно обвинителство сослуша 26 лица, меѓу нив и ресорниот министер Весиќ, одговорни лица во железницата, но и одговорни кои учествувале во изведување на работите.
И додека истрагата продолжува со повикување на нови сведоци од надлежните институции и изведувачите на проектот на реконструкција на железничката станица во Нови Сад, деловите од паднатата натстрешница се однесени на посебно место и ги чува полицијата. Дачиќ вели дека се чуваат, а не се скриени и тие остатоци се местото на злосторство.
Станува збор за метални сајли кои ја држеле натстрешницата и кои според српскиот министер биле кородирани. Иако се чека истрагата, Дачиќ првично тврди дека кинеските компании работеле само на две интервенции на паднатата натстрешница по проектот и нагласи дека проектантот не предвидел се и најверојатно е виновен за тоа.
Реконструкцијата ја правеше конзорциум на две кинески компании, а новинарите во Србија открија дека главен надзор им била унгарска фирма која имала многу чести зделки и добиени тендери со актуелната власт на Вучиќ и неговата СНС. Кинескиот конзорциум и унгарскиот надзор заедно работеле на обновата на железницата во Србија на коридорот 10 кој на север води кон Унгарија, а на југ кон Македонија.
Сашко Димовски
