Историјата како поука за иднината, се менуваат генерациите и времињата – но, борбата останува. Бројни вакви пораки и честитки беа испратени за денешниот празник 11-октомври, Денот на народното востание против фашизмот.
Повикот на обединување доминираше во говорот на претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова, на Свечената академија по повод празникот.
На овој настан присуствуваа повеќе владини функционери, дипломатскиот кор и верските лидери.
Како што се бореа партизаните против фашистичката окупација така и ние секојдневно треба да се бориме против неправдите на нашето време, против социјалната неправда и сиромаштијата, против корупцијата и непотизмот. И ние треба да ги оставиме меѓусебните делби и да се сплотиме околу нашата борба, која веќе не е борба за политички слободи туку за просперитет на државата и нејзините македонски граѓани, вели Гордана Сиљановска – Давкова, претседателка на РС. Македонија.
Честитка на социјалните мрежи испрати и собранискиот спикер кој доаѓа од коалицијата Вреди, Африм Гаши.
Вториот човек во државата во свое и во име на пратениците порача дека на овој ден се потсетуваме и ја славиме херојската борба на борците, а државата денес повторно е на вистинскиот пат.
„Во денешната борба може да успееме само ако сме сплотени, здружени и единствени“, се вели во дел од честитката на Гаши.
Додека првите функционери повикуваат на сплотеност, на Свечената академија под покровителство на претседателката на држава, не присуствуваше никој од етничките Албанци кои имаат функција во Владата.
Владините претставници ги предводеше премиерот Мицкоски и заедно со него беа присутни повеќемина министри, како и новата портпаролка на Владата – но, ниту еден министер кој доаѓа од редовите на Коалицијата Вреди.
Претседателот на Владата не се обрати на академијата, а не даде ниту изјава за медиумите. Своја порака за празникот 11-октомври испрати преку социјалните мрежи.
„Ерата пред нас ќе биде одбележана со економски напредок и развој, правна сигурност на системот и владеење на правото. Како генерација политичари ние немаме втора шанса. Оваа шанса и доверба која нѝ ја дадовте мораме да ја зграпчиме и од истата да извадиме најмногу што можеме, тоа им го должиме на сегашните, но и на идните генерации на кои мораме да им обезбедиме својата иднина да ја градат тука, зошто нѝ е аманет од тие пред нас. Само заедно сложни Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци можеме да градиме единство, иднина и просперитет“, напиша на социјалните мрежи Христијан Мицкоски, претседател на Владата на РС. Македонија.
Честитка за Денот на народното востание пристигна и од лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз.
Наследството од партизаните ги дефинира нашите вредности и денес, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Упати критики до актуелната власт за која вели дека наместо да се бори за успешни евроинтеграции, го турка народот кон самосожалување и откажување од целите.
Нашиот просперитет можеме најдобро да го реализираме интегрирани со нашите европски сојузници како полноправна и рамноправна членка на Европската унија. Европската иднина на нашата држава е стратешката цел на новата генерација и никој нема право тоа да им го одземе на граѓаните. За жал, сведоци сме дека актуелната власт е првата македонска влада која свесно се откажува од оваа генерациска задача. Наместо храбро да се бори за остварување на нашиот сон, таа го турка народот во самосожалување и откажување од остварувањето на нашите цели, вели Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Во Скопје централната свеченост се одржа пред споменикот на паднатите борци пред Владата. Свежо цвеќе положија повеќе делегации.
Свечености имаше и во Прилеп и Куманово.
Петар Догов
