Веќе неколку часа камионите и бетомешалките на фирмите ЗСФ Ком на Фатмир Етеми и Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ формирана од „Орка Холдинг“ ги блокираат пристапните улици кон болницата „Жан Митрев“ и бензинската на „Макпетрол“, за да ја градат спорната зграда кај болницата „8 Септември“.
Екипите на ТВ Телма беа таму кога работниците се обидуваа да ја извадат бетономешалката која паднала во дупката ископана за градба на зградата.
Камионите се поставени на истоимениот булевар, а полицијата се уште не интервенирала и покрај пријавите од граѓаните. И во средата со часови беше узурпиран пристапниот пат до бензинската на „Макпетрол“ кој е всушност приватен имот, а граѓаните беа спречени да дојдат на бензинската затоа што камиони и кранови за градба неовластено се поставиле.
Членот 14 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е јасен. Во него се вели дека дека правните и физички лица кои изведуваат работи на јавен пат се должни да го обезбедат местото на изведување на работите, а правните и физички лица пред започнување на работите се должни да обезбедат одобрение за времена измена на режимот на сообраќајот од надлежен орган.
Правните и физичките лица се должни најмалку 24 часа пред започнување со времена измена на режимот на сообраќај да го известат МВР и правното лице надлежно за одржување на јавниот пат, а потоа по завршување на работите да ги отстранат од јавниот пат средствата за работа, остатоците од материјалот, сообраќајните знаци, браниците и другите предмети кои се наоѓаат на патот.
Реагираше и О2, тие бараат од министер за транспорт, Александар Николоски да ја спречи градбата на оваа зграда која и претходно предизвика многу реакции и од граѓаните и од невладините организации. Тие се уште го чекаат неговиот одговор.
