ЗСФ на Фатмир Етеми узурпира туѓ имот за да ја гради спорната зграда во Карпош.
Инвеститорите на спорната зграда кај Воена Болница го узурпираа пристапниот пат до бензинската „Макпетрол“ на Партизанска. Без дозвола, на приватниот имот на компанијата е поставена градежна механизација на ЗСФ Ком на Фатмир Етеми и Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ формирана од „Орка Холдинг“ на Орце Камчев.
Со часови узурпиран пристапниот пат до бензинската на Макпетрол кој е всушност приватен имот. Со часови граѓаните беа спречени да дојдат на бензинската затоа што камиони и кранови за градба неовластено се поставиле.
Од „Макпетрол“ на булевар Партизански одреди, информираа дека во текот на целиот ден се соочуваат со проблеми со фирмата која изведува градежни работи на локацијата зад бензинската и во близина на ГОБ „Осми Септември“ – Скопје.
Сѐ започнало во попладневните часови кога вработените на бензинската забележале градежна машина дека се поставува на пристапната улица што води кон објектот, каде што е узурпиран дел од улицата и отежнато движењето на возилата
Во попладневните часови забележавме дека се поставува градежна машина на пристапната улица што води кон објектот каде што е узурпиран дел од улицата, односно е отежнато движењето на возилата. На сето тоа, како одговорно лице отидов со другото одговорно лице од градилиштето за да разговарам и да им посочам дека не може да се постави без претходна најава. На сето тоа, со непристоен однос од нивна страна тие си продолжија со поставувањето на градежната машина и со активностите околу градилиштето, вели Дарко Павковски, одговорно лице на објектот на Бензинска станица „Макпетрол“ – Партизански одреди.
Телма побара став од инвеститорот ЗСФ Ком Дооел. Рече дека тој не е изведувач на работите на оваа градба.
„Ние сме инвеститори, а не изведувачи на работите и не го блокириме пристапот кон бензинската“, одговорија за Телма од фирмата ЗСФ Ком во сопственост на Фатмир Етеми. Вториот инвеститор е фирмата Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ која своевремено била формирана од „Орка Холдинг“.
Од Општина Карпош велат дека градежните работи смее да се одвиваат само со дозвола на сообраќајната полиција, но никако не смеат да го загрозат движењето на жителите и фирмите во околина. Но, општината не испрати комунални инспектори да реагираат.
Може да гради секој оној којшто има дозвола за тоа, но нема право да ги загрозува граѓаните и фирмите во околината каде гради. Не смеат да се поставуваат тешки камиони на јавна површина во градот, а особено не на сообраќајни улици. Сообраќајната полиција во ваков случај мора да интервенира и да ги спречи, велат од Општина Карпош во одговор за Телма.
Членот 14 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е јасен. Во него се вели дека дека правните и физички лица кои изведуваат работи на јавен пат се должни да го обезбедат местото на изведување на работите, а правните и физички лица пред започнување на работите се должни да обезбедат одобрение за времена измена на режимот на сообраќајот од надлежен орган.
Правните и физичките лица се должни најмалку 24 часа пред започнување со времена измена на режимот на сообраќај да го известат МВР и правното лице надлежно за одржување на јавниот пат, а потоа по завршување на работите да ги отстранат од јавниот пат средствата за работа, остатоците од материјалот, сообраќајните знаци, браниците и другите предмети кои се наоѓаат на патот.
На правното лицe од ставот (1) на овој член, кое постапува спротивно на одредбите од ставовите (1), (3), (7) и (8) на овој член ќе им се изрече глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност, се вели во член 14, став 9 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Со оглед дека се работи и за пристапен пат во приватен имот на Макпетрол тогаш правото на сопственост е загарантирано и не смее да биде узурпирано.
По неколку часа откако камионите ја завршија работата интервенираше полицијата. Според МВР правното и одговорното лице добиле пријава согласно законот. Оваа градба со месеци е во фокусот на активистите и граѓаните.
Пред еден месец, една од членките на невладината организација „О2 Иницијатива“, добила телефонска закана да престане да реагира против изградбата на зградата кај „Воена болница“, информираа тогаш од невладината.
Активистите бараат итно поништување на издаденото одобрение за градење за т.н. 17 катница, односно комплексот на згради.
Од Иницијативата О2 потсетуваат дека незаконски било добиено позитивно конзерваторско мислење за одобрение за градење на зградата која се гради во заштитното подрачје кај „Воена болница“.
Од оваа невладина организација пред повеќе од триесет дена побарале од министерот за транспорт Николоски, согласно неговите надлежности да ја стопира градбата на овој спорен објект затоа што претходно и самиот министер тврдел дека во Карпош повеќе нема да се гради.
Иако е поминат законскиот рок, министерство сѐ уште не се изјаснило дали ќе ја стопира градбата, а О2 побарале и од Управниот инспекторат да постапи во однос на нивното барање.
Петар Догов