Вести Код Македонија Топ вести

Познати кафеанџии фатени во креативен начин за крадење струја

Пекарници, познати кафулиња и кафеани, продавници, автопералници во Скопје и низ цела Македонија, откриле креативен начин за крадење струја со далечинско манипулирање со броилата. Екипите на ЕВН заплениле ваков уред, а професори од Електро го анализирале. Струјата поминува низ броилото, но се мери само мал дел. Поднесени кривични пријави против 10 фирми за овој нов начин на крадење струја.

Невообичаен уред дошол во рацете на професорите од Електротехничкиот факултет. Долгогодишните експерти по електрични мерења го испитале уредот кој е сон на секој кој има кошмари од високите сметки за струја.

Самоделскиот уред од непознато потекло овозможува струјата да помине низ струјомерот и да дојде до корисникот, но електричното броило да не ја мери или да измери само мал дел од потрошената струја. Може да се потрошат 1000 киловатчаса струја, но струјомерот ќе покаже дека се потрошени само 200 киловатчаса кои треба да се платат. Со други зборови, 800 киловатчаса се украдени.

Но, за разлика од старомодните начини на крадење струја, кога корисникот директно се поврзува на бандера или го премостува струјомерот или барем една фаза за струјата, на овој начин броилото се манипулира далечински. Не мора да го допрете струјомерот, не мора да висат кабли, доволно е само да го вклучите уредот во штекер, да ги нагодите потенциометрите колкав процент од потрошеното да се измери, и да си продолжите да си трошите. Струјата во Македонија, како и во поголем дел од светот, има фреквенција од 50 херци. Овој уред генерира фреквенции од 200 до 400 херци.

„Тоа го буни броилото, бидејќи враќа струја во обратната насока. Тоа го буни броилото и со соодветно нагодување одредени броила, не сите, може да предизвикаат појава на грешки во прикажувањето на измерената електрична енергија“, вели професор Живко Коколански од Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Домашно изработениот уред има три големи кондензатори и едноставна електроника, но главните компоненти се залиени со непровидна епоксидна смола за да не може да се види што содржи. Сепак, за експертите воопшто не било тешко да откријат за што се работи. Може да се изработи за стотина евра.

„Еднаш ако се знае идејата, не е многу сложено кој било инженер по електротехника да го репродуцира, иако се надеваме дека не постојат многу такви луѓе коишто размислуваат на вакви решенија. Инженерската професија треба да биде многу поблагородна, да не се занимаваме со вакви решенија“, вели Коколански.

Уредот го заплениле екипи на ЕВН од пекарница во струшко.

Кај броилата со далечинско отчитување, системот на ЕВН веднаш алармира кога ќе се појават некакви отстапувања. Кај оние кои немаат далечинско отчитување, отстапувањата се утврдуваат еднаш месечно кога екипите ќе дојдат да го прочитаат. Инженерите во ЕВН велат дека без да излезат од канцеларија знаат дека некој корисник краде струја со манипулирање на броилото. По анализата на запленетиот уред, сега дознале и како. Се гледа дали се работи за расипан струјомер или е направена манипулација.

„Има точни технички параметри кои може да ги разликуваат тие две појави, каде што точно се утврдува причината поради која настанала таква проблематична ситуација“, вели инженерката Александра Костовска, раководител на одделот за Мерење на мрежа во ЕВН.

Кога броилото е исправно, тоа многу прецизно ја мери струјата што поминува низ него. Кога ќе се вклучи уредот за далечинско манипулирање, струјомерот почнува побавно да врти и да мери помалку од потрошените количини. Некогаш дури и покажува дека не само што не троши, туку дека потрошувачот оди во минус со потрошувачката, односно дека враќа струја назад во мрежата.

Како инженерите ја откриле измамата? Кога компјутерскиот систем во ЕВН алармира дека некој корисник враќа струја во мрежата, екипите на Електродистрибуција излегуваат на терен да проверат за што се работи. Првото што го помислуваат е дека корисникот што краде струја има нелегално поставени фотоволтаици, па вишокот струја што ја произведува ја враќа назад во мрежата. Но, немало соларни панели за производство на струја. Носат уред за проверка на прецизноста на броилото, подвижна баждарница. Овој уред ја мери точната потрошувачка во моментот и ја споредува со отчитаната на броилото. Баждарницата покажува мерна грешка, некогаш и од над 90 проценти. Со струјна клешта утврдуваат дека фреквенцијата на броилото, наместо 50 херци, има неколку стотици херци.

Електричарите помислиле дека се работи за расипано броило. Го извадиле и наместиле ново, а старото го однеле во својот сервис да проверат во што е проблемот.

Според закон, исправните броила не смеат да имаат отстапување повисоко од 2 проценти. Во реалноста, отстапувањата се десетина пати помали од ова. Проверката покажала дека броилото воопшто не е расипано и оти отстапувањата се во рамки на дозволеното.

И покрај замената на струјомерот со нов, системот повторно им алармирал дека има проблеми.

Кај некои фирми забележале намалување на потрошувачката на струја дури и за 10 пати во споредба со досегашната.

За да спречат повторување на ваков проблем, кај пекарница во една скопска населба, екипите на Електродистрибуција го тргнале броилото надвор од објектот и го поставиле на бандера стотици метри подалеку. Дури и тогаш кражбите продолжиле, затоа што уредот продолжува да го манипулира струјомерот назад преку каблите преку кои струјата стига до објектот.

Компјутерскиот систем во ЕВН им покажал дека имало околу 600 корисници кои на ваков начин краделе струја. Наредниот чекор им бил исклучување.

Познати кафеани и кафулиња, пекарници, сендвичарници, продавници, авто-пералници, хотели… Дебар Маало, трговскиот центар Лептокарија, улица Македонија во Скопје, Широк Сокак во Битола, познати кафеани низ цела Македонија се меѓу оние кај кои е забележано далечинско манипулирање на броилата. Ова се фирми кои трошат по неколку илјади евра месечно за струја. Само една пекарница крадела струја колку едно цело село.

Екипите на ЕВН излегле на терен и исклучиле од струја 10 објекти, на чии струјомери утврдиле голема грешка во мерењето и фреквенции многу повисоки од нормалните.

Со оглед на тоа што струјомерите не покажувале точно, на овие корисници им испратиле фактури од по неколку стотици илјади денари. Им фактурирале струја колку што теоретски би можеле да потрошат. Си ги платиле сметките и струјата повторно им била вклучена. Некои се бунеле, некои се заканувале, некои најавиле тужби, но сите си ги платиле казнените фактури. Најголем дел од фатените, кога сфатиле дека се откриени, прекинале со кражбите, но најупорните, и по повторното вклучување си продолжиле по старо.

Против овие десет фирми ЕВН поднеле кривични пријави, но овој пат не до МВР за да не се затурат по некои фиоки, туку директно до Обвинителството.

„Сите наведени пријави се примени, распоредени и по нив се постапува“, велат во Јавното обвинителство.

„Кртови“ од ЕВН помагаат во крадењето 

Кафеанџии, кои биле исклучени на овој начин, за Код велат дека ниту имаат, ниту некогаш користеле ваков уред за манипулирање на броилата. Велат дека воопшто не знаат каде се наоѓа струјомерот. Сепак, велат дека чуле дека постојат такви уреди и оти таквите уреди ги нуделе токму вработени во ЕВН.

По првата акција за исклучување на 10 фирми, ЕВН во изминатите денови спроведе уште една, кај 20 фирми кај кои забележале невообичаена работа на струјомерите. Кога излегле на терен, утврдиле неправилности кај 12, но кај 8 сè било во ред, и покрај тоа што системот регистрирал неправилности. Веројатно и крадците си имаат крт во ЕВН кој им јавува дека доаѓа контрола, па прекинуваат со крадењето. Во фирмата се свесни дека нивни вработени се вклучени во шемата, но не можат да вперат прст во некого без докази. Имале случаи кога проверката покажувала дека е сè во ред, па доаѓале во нова контрола за неколку часа и утврдувале неправилности.

Шефицата за мерења во ЕВН вели дека уште од канцеларија гледаат каде има манипулации. На терен одиме за докази за пред суд, вели таа.

„На оној начин на којшто напредува ИТ технологијата на светско ниво, така напредува и мерната техника и самите овие системи, што значи дека самите броила стануваат сè попаметни и попаметни. Во реално време, односно во многу краток временски интервал, во неколку минути добиваме одредени информации од самите броила и со самите технички параметри коишто ни се достапни во рамки на тие системи и тие броила, може веднаш да се забележи дали има делување од трета страна или од трет уред и конкретно да се настапи понатаму со техничка контрола којашто пак ни е неопходна со цел да може формално правно процесот да се заокружи и да се достават тие информации до надлежните институции со цел постапување согласно кривичниот законик и сите оние акти коишто ни се на располагање од правен аспект. Самиот систем е тој којшто е предефиниран да дава вакви симптоматични случаи на проблематични ситуации каде што има манипулација на самото броило. Самиот систем преку самите препрограмирани решенија внатре во него ни ги позиционира точните мерни места каде што се случува ваква појава“, вели Александра Костовска од ЕВН.

Според извори на Код, домашно изработените уреди се продавале по цена од 3 до 5 илјади евра. Со оглед на тоа што ЕВН забележале 600 спорни корисници, тие што ги продаваат овие уреди заработиле 2 до 3 милиони евра. Откако ЕВН почна да ги исклучува поради ваквиот начин на манипулација, велат дека се останати само уште неколкумина најупорни.

Нè интересираше кој ги смислил и кој ги произведува, но не успеавме да стапиме во контакт со тајните продавачи на овие уреди. Нашите извори велат дека тие се внимателни и проверуваат со кого си имаат работа.

Карактеристичното зуење на уредот може да се чуе и кај струјомерите, со оглед на тоа што фреквенциите што ги генерира овој уред се во чујното поле. Ако некој користи ваков уред во зграда, каде што струјомерите на корисниците се близу еден до друг, може да се создаде пречки со струјата и кај комшиите, како треперење на монитори и телевизори, проблеми со работата на клима уредите итн.

„Покрај софтверот кој алармира при манипулација на броила, во ЕВН алармираат и соседите на манипулаторите, затоа што имаат проблеми со своите апарати кои работат на електрична енергија. Кол-центарот регистрира за десетици пати поголем број повици од корисниците кои се жалат на лош напон поради што не можат да ги користат своите уреди кои работат на струја. Тие се јавуваат за да го отстранат својот проблем, а воопшто не се свесни дека причината за лошиот напон кај нив е всушност кражба на струја“, велат во ЕВН Македонија.

Друг начин за манипулирање на електричните броила без да се допрат е со шокирање на броилото. Се употребува уред сличен на електронски зашеметувач, односно тејзер, кој создава силно електромагнетно поле во близина на струјомерот и го замрзнува, односно тој престанува да ја мери струјата. Кај многу популарна скопска пекарница било забележано дека сите три броила им биле замрзнати, односно не ја мереле потрошената струја. И ним ќе им биде доставена фактура на количини струја кои теоретски би можеле да ги потрошат. Овој проблем се решава со тоа што се монтира маска од плексиглас врз броилото, па магнетното поле не може да стигне до него за да го закочи.

По анализата на уредите за кражба на струја, експертите велат дека може недвосмислено да се утврди дали струјомерот случајно се расипал или намерно бил манипулиран, дури и без да се најде уредот за манипулација.

„Ако се постави независен мерен уред на мрежата, мрежен анализатор на пример, може преку мерење на вкупното хармонско изобличување веднаш да се види дека такви уреди се поставени на мрежата коишто ги предизвикуваат тие пречки и апсолутно, тоа е недвосмислен доказ дека постои таков уред којшто предизвикува такви пречки, бидејќи вообичаено, при нормални услови на работа на мрежата, тие пречки не постојат.

Код: Дали тие пречки може да се појават од нешто друго, а не од ваков уред?

Сите уреди генерално коишто ги поминале тестовите за електромагнетна компатибилност не би требало да генерираат вакви пречки. Уреди коишто се комерцијално достапни итн., не би требало да предизвикуваат вакви пречки, иако квалитетот на електричната енергија е една посебна тема и посебна наука и постојат и други уреди коишто генерираат пречки, но не од ваков карактер.

Код: Во однос на шокерот, ако едно броило е закочено со електромагнетно поле, дали со сигурност може да утврдиме дека е тоа намерно направено или можеби се расипало од нешто друго?

Сега сите броила се дигитални. Кога ќе се делува со силно електромагнетно поле, тоа делува на микропроцесорот и тоа може да има различни исходи, на пример може да се рестартира броилото, може да се замрзне бројачот што е еден од начините на којшто може да се изврши манипулација, но секогаш постојат логови, внатре во микропроцесорот коишто покажуваат кога броилото на пример било ресетирано и коишто може и потоа да се прочитаат, така што има трага кога се ресетирало броилото. Понекогаш може да постои неисправно броило да предизвика таков дефект, но во основа секоја таква интервенција ќе биде регистрирана во броилата“, вели професор Коколански.

Според закон, кражбата на струја е сериозно кривично дело за кое може да се добие до пет години затвор, а фирмата да добие парична казна од 100 илјади до 1 милион денари, односно меѓу 1500 и 15 илјади евра.

Според статистиката на МВР, во изминатите три години, годишно откриваат по околу 350 кривични дела кражба на електрична енергија. Во првите 8 месеци од годинава се регистрирани 325 вакви кривични дела.

Сепак, во ЕВН велат дека само една третина од кражбите годинава стигнале до суд. И тие што ќе стигнат до суд, добиваат мали казни, па си продолжуваат по старо.

„Според статистиката на компанијата, дури една четвртина од сторителите во 2024 година се рецидиви, а истите делото го повториле во период од 3-4 години. Ваквата голема бројка на повторување на делото е сосема загрижувачка и алармантна, а е резултат на несоодветното казнување, односно изрекување на најлесни можни казни, или на целосно неказнување на сторителите од страна на судовите“, велат во ЕВН Македонија.

Кој ја плаќа украдената струја?

Со оглед на тоа што не се знае точно колку струја се краде, тешко е да се одговори точно кој го плаќа украденото – дел оди на товар на ЕВН, но дел веројатно оди на товар на останатите корисници кои редовно си ги плаќаат сметките.

Кражбите на струја се книжат како загуби.

Голем дел од загубите на струја во мрежата се оправдани, затоа што енергијата се губи при преносот и дистрибуцијата, струјата се троши поради загревање на каблите преку кои се пренесува, струјата се губи во трансформаторите од еден напон на друг. Тие се оправдани технички загуби кои корисниците ги плаќаат преку таканаречената мрежарина. Останатите, таканаречени комерцијални загуби се всушност кражбите на струја.

Регулаторната комисија за енергетика не ги признава кражбите како оправдани загуби и тие паѓаат на товар на ЕВН, но не може точно да се утврди колкав дел се оправдани загуби, а колкав дел се кражби.

До лани, Регулаторна им признаваше одреден процент на загуби на ЕВН, но од оваа година оди со точна сума. Лани загубите во дистрибуција биле 854 гигаватчаса. Годинава ЕВН побарале да им се признаат исто толкави загуби, но регулаторот им признал 785 гигаватчаса. Разликата од загубени 60 гигаватчаса, кои чинат околу 6 милиони евра, ќе паднат на товар на ЕВН. Според планот за намалување на загубите, регулаторот секоја година ќе признава сè помали и помали загуби.

Во ЕВН велат дека просечните загуби во мрежата им се околу 14 проценти. Во многу градови загубите се под 10 отсто, а најголеми загуби има во Скопје, Гостивар, Куманово и во Прилеп, каде што се движат од 13 до 18 проценти.

Скопје е најкритично, со оглед на тоа што троши од 50-60 проценти од целата струја во Македонија, па така и загубите се убедливо најголеми.

Со оглед на тоа што во некои градови има загуби од под 10 отсто, а во некои дури 18 отсто, може да се претпостави дека голем процент од струјата во овие општини се краде.

Инаку, кражби на струја со далечинско манипулирање на броилата се регистрирани во Индија уште во 2010 година, за што пишуваа тамошните медиуми. Пред неколку години, со ваков тип на кражби проблем имало и во соседна Бугарија.

Срѓан Стојанчов

 

 

 

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Партиски или владин карван? – од ден во ден си врви во секоја општина на чело со министерот Перински

Дејан Дејан

Нерешено меѓу уставните судии за независните листи, ќе пресуди Данева

Дејан Дејан

Дванаесет години без идентитет: Тинејџерка конечно доби извод од матична книга

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе