Новиот главен ревизор ќе треба да го контролира и наменското и ефикасно трошење на парите кои Македонија ќе ги добие од ЕУ во рамки на новиот пакет од 6 милијарди евра за западен Балкан.
Промените кои наврат нанос се случуваа во ревизорското тело каде првично владата назначи главна ревизорка без никакво потребно искуство и знаење- беа силен аларм и за реакциите кои дојдоа од делегацијата на Европската Унија и самите институции во Брисел, објаснуваат од Центарот за управување со промени кои со децении ги следат реформите во администрацијата.
Премиерот Мицкоски пак тврди дека владата по утврдената грешка со назначувањето на Афрона Верзиволи за в.д. главен ревизор се исправила и назначила нов вршител на должност, но овојпат со искуство. Тврди дека конкурсот ќе биде распишан веднаш и дека ќе бидат избрани веќе назначените доколку нема други и подобри кандидати.
Од друга страна, за експертите загрижувачки е ветувањето на Вреди дека нивниот предлог Верзиволи во секој случај пак ќе стане главен ревизор за ИПА фондови веднаш откако ќе положи за ревизор. Најголем проблем е што кога има избор на конкурс, не се знае ниту кој ниту како бира.
Вршител на должност е форма која се користи за назначување на партиски кадри, наместо да се прават конкурси и да се избира законски. Во последното истражување на Центарот за управување со промени во време на претходната влада било утврдено дека 39% од директори и раководители се В.Д.
Миомир Серафиновиќ
