Проблемот со јавниот превоз во Скопје стана хроничен. Граѓаните доцнат на работа или на лекар, чекајќи долго време автобуси во овие екстремно топли, летни денови. Последната реакција што стигна до нашата редакција е дека утрово жителите на Јурумлери чекале автобус час и половина, а во Центар, половина час. Новиот в.д. директор на ЈСП Скопје вели дека располагаат со стари возила и дека причината за недостатокот на автобуси на скопските улици е што над 20 од нив се повлечени од сообраќај поради различни дефекти.
„Проблемот е во тоа што во моментов имаме недостаток од 20 и нешто возила, за да можеме да ги опслужиме линиите кои што се по летен возен ред. Тие се дефектни возила кои што не може да се пуштат во сообраќај“, вели Драги Кушовски, в.д. директор на ЈСП Скопје.
ЈСП работи според возниот ред од 2012 година, кога во оптек биле 350 автобуси, а сега претпријатието располага со вкупно 200. Од нив на 27 автобуси им беше расипана климатизацијата, а до денес таа е поправена кај 12. Со цел да се одговори на потребите на граѓаните, сообраќаат 15 автобуси на кои допрва ќе им се поправаат клима уредите, вели в.д. директорот на ЈСП. Па, останува проблемот на граѓаните да се возат без климатизација на високите температури.
„Со цел да се одговори на граѓаните, значи може да се случи да има возила од тие 15 што се без клима уред, пуштени во сообраќај“, вели Кушовски.
Претпријатието испратило барање до домашни компании за набавка на резервни делови, со цел да се оспособат што повеќе автобуси. Но, набавката оди бавно, вели Кушовски. ЈСП има долг кон тие компании, но и други фирми имаат долг кон претпријатието. Директорот не кажа прецизно за колкави суми се работи, а потврди дека ЈСП има помал долг кон трите компании на приватни превозници кои поради тоа периодов возат редуцирано. Но, Кушовски демантира дека сумата е 140 милиони денари, како што велат превозниците.
„Досега немаме никакво решение, сѐ уште. И го сменивме возењето од 17 часот попладне во фирмата во која сум јас. Другата фирма, исто, по 17 часот работи. А, третата компанија вози наизменично, од сабајле, навечер и така. Директорот на ЈСП нема никаков слух. Нас не ни требаат никакви состаноци, на нас ни требаат пари. Ние застанавме само заради парите, заради долгот“, вели Оливер Петрушевски, приватен превозник во една од трите компании превозници.
Обидот на градската власт да се издејствува кредит за нови еко-автобуси досега повеќепати беше неуспешен, зашто советниците од ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржуваат градоначалничката Арсовска во набавката на нови возила за јавниот превоз. Се чини дека засега нема решение на повидок, зашто, како што вели в.д. директорот на ЈСП, дел од проблемите со превозот во Скопје, се поврзани со мешање на политиката во нивното претпријатие.
Сотир Трајков
