Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против седуммина осомничени дилери. Двајца од нив се сомничат за продолжено извршување на кривичното дело, додека еден за помагање. Кај осомничените, на возраст меѓу 28 и 50 години, биле пронајдени кокаин, марихуана и пари за кои постои сомнение дека потекнуваат од улична продажба на дрога, Информира обвинителството.
За тројца осомничени е предложен притвор, а за уште тројца се бараат мерки за претпазливост.
Еден од осомничените е во бегство и полицијата трага по него. При обидот за апсење, не застанал на издадена наредба за запирање, оштетил три службени возила и избегал. При претресот кај него биле пронајдени поголема сума пари, марихуана, но и лични карти и пасоши кои „муштериите“ ги оставиле во залог, како гаранција дека ќе платат за дрогата.
Акцијата за откривање и апсење на улични дилери на дрога се водела од декември 2023 година.
МВР вчера соопшти дека во акцијата биле уапсени 28 лица, и најави кривични пријави против седуммина од нив.