Вести Најважни Свет

99 проценти од иранските ракети и дронови пресретнати уште пред да стигнат до израелска територија

Предупредувачки сирени од воздушни напади и експлозии на небото над повеќе израелски градови одекнуваа длабоко во ноќта, откако Иран вчера реши својот одговор на бомбардирањето на неговиот конзулат во Дамаск да го даде на најагресивниот можен начин. Нешто пред полноќ, Иран лансираше стотици беспилотни летала, крстосувачки и балистички ракети од своја територија кон Израел, пробивајќи ја невидливата бариера која досега ги спечуваше двете држави да влезат во директен конфликт.

Целиот свет вечерва виде кој е Иран, терористичка држава која ја нападна Израел од далечина од 1.500 километри, и се обидува да ги вовлече сите своите послушници, обвини израелскиот министер за одбрана јоав галант.

Повеќе од 300 беспилотни летала, крстосувачки и балистички ракети беа лансирани кон Израел. Најголем дел од нив беа пресретнати од 9 други земји, меѓу кои САД, Франција, Велика Британија и Јордан, кој ги пресретнал сите кои прелетувале над негова територија. Остантите беа пресретнати од израелската противвоздушна одбрана.

Пресретнавме 99 проценти од заканите кои беа лансирани кон територијата на Израел. Ова претставува многу значаен стратешки успех. Покрај лансирањата од Иран, значителен број лансирања беа направени и од териториите на Ирак и Јемен. Ниту една од нив не навлезе на територијата на државата Израел, соопшти портпаролот на ИДФ, адмиралот Даниел Хагари.

Овој потег на Иран беше предвидуван само во најпесимистичките сценарија за ситуацијата во регионот, и ниту најсмелите аналитичари не очекуваа дека Техеран ќе го направи тоа. Токму поради таа агресивност, дел од нив сметаат дека е помината црвената линија и се убедени дека адекватно агресивен одговор мора да следува и од Израел и САД.

Сите сакаме да избегнеме војна, но прашањето е кој е најдобриот начин да го постигнеме тоа. Мојата поента е дека ако ги оставиме нашите противници со впечаток дека за нас најважно е да избегнеме војна, тогаш едноставно предизвикуваме поголема агресија од нив, изјави бредли боуман од фондацијата за одбрана на демократии.

Но останатиот дел од експертите сметаат дека нападот всушност бил добро кореографиран спектакл кој требало да го види целиот свет. Според нив, ова беше единствениот начин како Иран да испрати многу остра порака, за да си го обели образот, но неговите постапки веднаш по лансирањето на нападот докажуваат дека Техеран всушност воопшто не сака ескалација во отворен конфликт.

Оваа нивна теза ја поткрепува и фактот што синоќа, кратко по лансирањето на нападот, Иран тргна во медиумска кампања за ублажување на последиците. Први се огласија од канцеларијата на нивната мисија во ООН, а таа иста порака, со истиот тон и закана ја повторуваат сите ирански претставници оттогаш.

Од наша гледна точка оваа операција е завршена, и немаме намера да ја продолжиме. Но, ако ционистичкиот режим преземе некаква акција против Исламската република, било на наша територија или на други места во Сирија, или каде било, нашата следна операција ќе биде многу поголема, порача шефот на иранскиот генералштаб мохамад багери.

Израелските власти соопштија дека нападот предизвикал мала штета на инфраструктурата, а од отпадоците на пресретнатите летала и ракети вкупно биле повредени 12 лица. Меѓу нив има и едно 7 годишно девојче од бедуинска заедница во близина на градот Арад во јужниот дел на Израел. Таа е на интензивна нега и нејзината состојба е сериозна, додадоа израелските власти.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Двајца загинати во директен судар на патот Штип-Радовиш

Дејан Дејан

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе