Вести Македонија Најважни

Али Ахмети се спореди со Арбен Џафери, Таравари оцени дека ДУИ има фројдовски комплекс од Гостивар

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, на синоќешниот собир во Гостивар, се спореди со Арбен Џафери – поранешен претседател на ДПА и политички опонент на ДУИ во минатото. Ахмети на собирот рече дека ова е време за обединување кон Европа, затоа што опасноста доаѓа од Исток.

„Ако во времето на војната јас бев помалиот брат на Арбен Џафери, јас сум денеска поголемиот брат и никогаш не се сомневајте дека ќе бидам на чело на сите одлуки“, рече Ахмети.

На партиски собир во спортската сала „Младост“ во Гостивар, Али Ахмети и Зијадин Села потпишаа предизборна коалиција.

„Емоцијата да се здружиме да ги зближиме Албанците на патот кој е аманет од предците, на генерации кои претрпеле искушенија, дискриминација и малтретирање, аманет од преродбениците кое ни покажа дека нашиот пат е Европа и Западот“, рече Села.

Нивниот претседателски кандидат Бујар Османи рече дека само ДУИ е партија која ги исполнува ветувањата.

„Секој голем проект, ветување што е исполнето го носи печатот на ДУИ, нашиот печат. Кога ветивме НАТО, денеска одбележуваме 4 години од НАТО. Го ветивме првиот премиер, денеска меѓу вас со кренато чело е Талат Џафери. Затоа, нема ни малку сомнеж дека заедно, како што го направивме првиот премиер Албанец, ќе го направиме и првиот претседател Албанец“, рече Османи.

Крилото на Алијанса за Албанците предводено од Села коалицира со ДУИ, додека крилото предводено од Арбен Таравари коалицира со албанската опозиција, која го поддржа како претседателски кандидат.

Таравари од Струга се потсети на познатиот психоаналитичар Зигмунд Фројд и оцени дека ДУИ има комплекс од Гостивар.

„Се сетив на Фројд, Фројд е психолог, тој беше невролог, но се занимаваше со психологиja во Виена, и една од најдобрите теории беа комплексите. Анализираше зошто одредени луѓе постојано се движат на одредено место, зошто толку често користат зборови, а јас се сетив на комплексот на Гостивар“, рече Таравари.

Албанската опозициска коалиција Вреди вчера одржа митинг во Струга. На граѓаните, освен Таравари, им се обратија лидерот на Демократско движење Изет Меџити, лидерот на беса Биљал Касами и Африм Гаши од Алтернатива. Нив ги поддржуваат и приврзаниците на партијата Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Георгиев: СДСМ треба да се остави да го изоди својот пат

Дејан Дејан

Тодоров: СДСМ за цело време на мандатот губеше политички поени заради ДУИ

Дејан Дејан

Зеленски го потпиша законот за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе