Вести Економија

Законот за забрана на нефер трговски практики го помина собранискиот филтер – ќе стави ли крај на нереалното зголемување на цените?

Инспекторите на терен, граѓаните се жалат на ценовен шок, изгласан законот за нефер трговски практики. Тоа значи дека со законска рамка државата ќе се обиде да стави ред во цените на земјоделските и прехранбени производи, а добавувачите и трговците во наредните шест месеци ќе треба да ги усогласат договорите. Во меѓувреме министерството за економија ќе ја објави листата на околу 2500-тини производи кои ќе бидат со ограничена маржа од 10%. 

„Со овој Предлог на Закон се очекува да се елиминира неоправданиот и непропорционалниот трансфер на економски ризик од еден трговски партнер на друг; или да се наметне значителна нерамнотежа на правата и обврските на еден трговски партнер кон друг. Надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач, кои надоместоци сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика. За непочитување на законските одредби засега во предлог решението се предвидени глоби до 20 000 евра“, велат од Министерство за економија.

Трговците веќе нема да смее да им наплаќаат на добавувачите за внесување нов производ на пазарот, за преуредување на продавниците или за отворање нови, да ги условуваат со компензација или да им забранат да им продаваат земјоделски и прехранбени производи на други продавачи по пониска цена.

Додека инспекторите на терен ловат трговци кои неоправдано ги зголемиле цените – граѓаните во маркетите и пазарите забележале големо поскапување, а платите и пензиите недоволни за да се наполни кошничката со основни производи, велат тие.

„Има како нема и си имало тоа обавезно. Божемски нема ама има. Големо поскапување, да ви кажам и 25 илјади не стасува за пензија и плата“, вели граѓанка.

„Очигледно е поскапувањето и луѓето мислам дека се револтирани, продавачите на зеленчук. Револтирани се од ова системско поскапување и поради тоа и самите тие ги поскапуваат. Тоа е верижен систем на поскапување. Ќе продолжи доколку не се најде решение да се излечи тој синдром на верижно системско поскапување. Тоа се случува пред очите на јавноста ама и со знаење на властите. Тие се изгласани од народот да ги регулираат состојбите, поскапувањата итн но во Македонија тоа не се прави“, вели граѓанин.

„Не е во ред затоа што има луѓе со мали пензии, мали плати, невработени, со големи семејства така да не е во ред. Али тоа е тоа не може да смениме ништо“, вели граѓанин.

Пазарните инспектори со засилени контроли ги проверуваат цените особено на дел од млечните производи за кои претходно добиле информација дека во земјава се врши нереално зголемување на нивната цена. Изминатиов период два маркети по еден во Битола и Скопје се соочија со ставање клуч на врата откако претходно било утврдено дека се обиделе да ги заобиколат законите на сметка на остварување поголем профит на грбот на граѓаните.

„Секој оној кој што ќе се обиде ако мисли дека може за овие изминати месеци за тоа што  го загубил од калкулираното, а не се во загуба да речеме дека ќе го врати сега по завршување на одлуките, не. Ке си има сериозни контроли и тоа нема да го дозволиме“, вели Горан Трајковски од Државен пазарен инспекторат.

За вицеприемиерот Фатмир Битиќи веќе е создаден ред со цените на храната по завршувањето на мерката „гарантирана цена“ откако дел од компаниите најавија дека ќе ги задржат гарантираните цени до 15-ти мај годинава. Тој додава и дека законот за нефер трговски практики е системско решение.

Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сопругот загина, две малолетни деца и сопругата повредени во тешка сообраќајна несреќа кај Крупиште

Дејан Дејан

40 дена притвор за Беким Красниќи, уапсен на Косово

Дејан Дејан

Скопјанец загина во сообраќајка на експресниот пат Штип-Кочани, жена му и двете деца се повредени

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе