Вести Македонија Најважни Тест избори

Четворица приведени за Онкологија, претреси на три локации

Уапсени доктори и сестри, вознемирени пациенти кои со часови чекаат терапија и уверување од надлежните дека Клиниката за онкологија функционира нормално.

Поранешниот директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, доктор Нино Васев, домар и една медицинска сестра утринава биле уапсени во Клиниката, информираат вработени. Полицијата ја барала и секретарката на Васев, но таа не била на работното место. Според информациите на Телма, осомничен е и поранешниот економски директор Нехат Нухи.

Обвинителството соопшти дека се задржани четири лица осомничени за кривични дела. Уште едно лице било повикано на разговор. Претреси биле извршени на три локации. Обвинителството соопшти дека продолжува со дејствија во врска со овој случај.

Во Министерството за здравство велат дека клиниката функционира нормално, но пациентите кои ги анкетиравме велат дека се вознемирени и оти чекаат со часови.

„Се чека, од 8 часот сме тука. Многу гужва има, уште не сме завршиле работа. Се чека многу.“

„Што е работата не знаеме, ама доктори нема воопшто, ги преместуваат од еден доктор кај друг. Што се случува, не знаеме.“

„Напнато, тешко, како да ви кажам. Под стрес сме, самата болница прави стрес. Инаку таму е во ред, функционира како што треба.“

„Ние не сме во тек. Лежиме тука, ништо не знаеме. Нашите доктори дојдоа сабајле на визита, друго не знаеме што се случува“, велат пациентите што ги анкетиравме напладне.

Директорката потврди дека утринава имало апсења, но смирува дека Клиниката функционира нормално.

„Сите закажани пациенти, тековни прегледи, предвидени терапии на пациентите, како и прием на нови пациенти функционира нормално. Работат сите амбуланти. Работиме со полн капацитет на Клиниката и затоа замолувам да не се создава паника. Никој од пациентите нема да биде вратен. Сите ќе ја примат предвидената и планираната терапија“, изјави директорката, доктор Виолета Клисарова.

Во септември минатата година, полицијата изврши претреси во Клиниката за онкологија и во приватни станови. Тогаш беа одземени компјутери и друга документација. Според информации на Телма, додека траела предистрагата, три лица избегале во странство.

Обвинителството го отвори овој случај минатата година по новинарските истражувања дека вработени краделе од скапите лекови за рак, кои потоа завршувале на црниот пазар.

Во Собранието, во септември минатата година, беше формирана Анкетна комисија на која беа сослушани поранешни и актуелни директори на Онкологија, како и поранешни и актуелни министри за здравство.

Доктор Васев тогаш рече дека не чувствува одговорност за случајот, и оти немал информации дека лекови се препродаваат на црниот пазар или им се дава физиолошки раствор на пациентите, освен за еден случај што беше откриен. Полицијата во март минатата година уапси медицинска сестра од Онкологија, кај која беа пронајдени украдени лекови.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

“Вреди” по потегот на Силјановска: Не треба да се отвараат стари рани, ги разбираме емоциите, но не чекаат уставни измени на европскиот пат

Дејан Дејан

Зеленски: Жестоки борби во Харковскиот регион, целта е да се растегне и деморализира украинската одбрана

Дејан Дејан

И ЕУ со реакција на првиот претседателски потег на Силјановска: Жалење поради постапката, а Уставот и меѓудржавните договори мора да се почитуваат

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе