Вести Македонија Најважни

Техничка влада – Двајца нови министри, петмина дополнителни заменици и ротација кај првиот вицепремиер

Двајца нови технички министри, пет дополнителни заменици министри и ротација на позицијата прв вицепремиер. Останатите досегашни министри и заменици остануваат на своите позиции и во техничката влада.

Според законот, техничка влада се бира на 100 дена пред парламентарните избори, закажани за 8 мај, кога ќе се одржи и вториот круг од претседателските избори.

ВМРО-ДПМНЕ, иако предложи кандидати за техничката влада, соопшти дека нема да гласа за нејзиниот состав. Албанската опозиција, исто така нема да гласа за владата, зашто продолжува со бојкотот на Собранието.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој во Топ тема рече дека техничката влада ќе биде хорор, каде што ќе има корнење за коси, денес вели дека сепак не очекува нешто што ќе го наруши процесот.

Не очекувам турбуленции. Сега не знам, со овие луѓе сè е возможно, мислам гимнастики, лупинзи, сè е возможно, но не очекувам нешто што би можело да го наруши процесот. Јасен е законот, јасен е уставот, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.

Пратеничката Снежана Калеска – Ванчева од СДСМ, во синоќешната Топ тема, рече дека техничката влада се формира за никој да не може да фрли дамка врз изборниот процес, и затоа сите треба да ја поддржат.

За државата е добро, за нашите демократските процеси е добро консензуално да ја избереме техничката влада. Инаку, сигурно дека нема да дозволиме да не се избере влада, ниту пак може да не се избере влада, вели таа.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги предложи адвокатот Панче Тошковски за технички министер за внатрешни работи, а Ѓоко Велковски ќе го предводи министерството за труд и социјала. За дополнителен заменик– министер за финансии оваа партија ја предложи Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство Цветан Трипуновски. 

СДСМ, пак, за дополнителен заменик министер за внатрешни го предлага Митко Бојмацалиев, шеф на кабинет на досегашниот министер Оливер Спасовски. За дополнителен заменик министер во труд и социјала е предложена досегашната министерка Јована Тренчевска.

Според договорот меѓу СДСМ и ДУИ, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ ќе биде прв вицепремиер на местото на Артан Груби, кој останува само министер за политички систем.

По оставката на Талат Џафери, Собранието вчера го изгласа Јован Митревски од СДСМ за нов претседател на Парламентот со 64 гласи за.

Техничката влада предводена од Џафери, ќе биде трета, по тие на Емил Димитриев во 2016 и на Оливер Спасовски во 2020 година. Во 2016 беше воведена поради недовербата во изборниот систем, а по избивањето на аферата со масовното прислушување и политичката криза во земјава.

Срѓан Стојанчов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Врховен судија фатен со 10.000 евра

Дејан Дејан

Зоран Јовановски: Запалениот автомобил е порака од криминалците

Дејан Дејан

Цената на струјата ќе се намали, ако стигне понуда за поевтин мегават од сегашните 58 евра на ЕСМ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе