Вести Македонија Топ вести

Делото за кое се гони групата на Беким Незири е меѓународно кривично дело – во македонското законодавство е од времето кога и самиот бил министер за економија

  • Делото за кое се гони групата на Беким Незири е меѓународно кривично дело воведено во македонското законодавство во време кога самиот Незири бил министер за економија.
  • Незири и тројца осомничени не се во притвор, но обвинителството не се откажува од таа мерка и поднесе жалба откако не им беше определен. Барањето ќе се разгледува откако адвокатите ќе ги достават одговорите за што имаат рок до утре наутро.
  • Кривичниот суд смета дека не ја загрозил истрагата со своето соопштение во кое за да го оправда отфрлањето на притвор за приведените, скрати дел од членот Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.

Кривичното дело по член 303, став 2, по кое се гонат осуммината од групата на Беким Незири за упадот во контролата на летање е ставено во Кривичниот законик на крајот на декември 2015-та во време кога министер за правда и предлагач е исто од ДУИ како и Незири (министер за правда беше Аднан Јашари). Незири кој е осомничен во истиот период беше министер за економија.

Тој член е согласно меѓународните обврски на Македонија, произлезени од Конвенцијата за сузбивање на незаконски дејства против безбедноста на цивилната воздушна пловидба потпишана во Монтреал на 24 февруари 1988 година.

„За да се изврши усогласување со Протокол за сузбивање незаконски дејства на насилство на аеродроми, кои се користат за меѓународна цивилна воздушна пловидба, како надополнување на Конвенцијата за сузбивање незаконски дејства против безбедноста на цивилната воздушна пловидба се предлага нов став 2 со кој се инкриминираат дејствијата со кои се загрозува безбедноста на аеродром за меѓународна цивилна авијација, уреди или авион кој не е во употреба или со кои се попречуваат услугите на аеродром“, се вели во образложението за измена на Кривичен Закони за член 303, став 2, од декември 2022 година. 

Одлуката поминала и изгласана е на собраниска седница на 22 декември во 2015-та, а групата предводена од Незири е прва врз која се применува ова меѓународно кривично дело против безбедноста во воздушниот сообраќај.

Судот првично не им определи притвор, но, обвинителството поднесе жалба. Адвокатите имаат рок до утре наутро во 10 часот да приложат одговори. Судот, пак, како што откри Телма, го искасапи ставот по кој се гонат осуммина, а денеска оттаму тврдат дека соопштението е испратено во насока на транспарентност без тоа да ја загрози истрагата.

„Соопштението во ниту еден дел не обелоденува податоци кои може да ја загрозат истрагата или да ја нарушат пресумцијата на невиност туку дава објаснување од судската праска за тоа кои елементи се неопходни да се исполнат при постапување во претходна постапка за конкретно кривично дело на кое се однесува предлогот“, одговорија од Кривичен суд Скопје.

Од судот тврдат дека за останатите четири лица кои се недостапни, а осомничени, нема никакво барање за мерки или распишување потерници. Меѓу избеганите е и лицето Ерсен Сали, кој има условна затворска казна, затоа што со пиштол пукал во човек пред три години на Пластичарска.

„За сите останати лица, за кои се тврди дека се недостапни, не е поднесено барање за определување било какви мерки па во таа смисла неможе ниту да се издаде потерница“, информираат од Кривичниот суд.

Кривичен не се задржува на толкувањата на експерти, академици, адвокати кои во јавноста изнесоа ставови дека со своето соопштение од судот, Кривичен ја прејудицирал одлуката на Кривичниот совет каде ќе се разгледува жалбата откако судиите на претходна постапка Пајазити и Крстиќ оценија дека нема докази за дело за кое се гони групата на Беким Незири.

Судскиот Совет денеска соопшти дека судовите треба да работат независно и дека тие ја следат работата на судовите, откако Кривичниот суд постапи како што постапи со групата која упадна во контролата на летање.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Педесет милиони евра финансиска помош за Македонија од Европската комисија

Дејан Дејан

Во Иран се избира нов парламентарен состав

Дејан Дејан

В недела инаугурација на Силјановска, до 28 мај конституција на новиот парламентарен состав – техничка влада до избор на новата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе