Во Њујорк повторно беше одложено гласањето за нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара прекин на непријателствата во Газа за да се овозможи пристап до хуманитарната помош.
Ваквиот исход доаѓа по неколкудневни тензични дипломатски несогласувања околу текстот на нацрт-резолуцијата. Гласањето е одложено за денеска.
Меѓувреме додека се чека евентуална одлука за изгласување на резолуцијата во Газа се врши жестоко бомбардирање од страна на израелските сили.
Министерството за здравство под контрола на Хамас соопшти дека над 20 000 луѓе се убиени во енклавата од почетокот на конфликтот.
Хамдан: Нема да има дополнителни преговори за ослободување заложници
Висок функционер на Хамас вели дека нема да има дополнителни „преговори“ за ослободување на заложниците додека не заврши војната на Израел во Газа. Говорејќи во Бејрут, Осама Хамдан тврди сега фокусот е да се запре агресијата, особено затоа што непријателот сега знае дека не може да постигне ниту една од своите цели.
Ваквата негова изјава доаѓа во време кога највисокиот лидер на Хамас беше во Египет на разговори за прекин на војната и обезбедување ослободување на барем некои од околу 129 израелски заробеници кои ги држат палестинските милитанти.
Макрон: Борбата против терористите не значи уништување на Појасот Газа
Макрон го повика Израел да престане со сегашниот пристап во борбата против терористите бидејќи не е соодветен и посочи дека сите животи се подеднакво вредни и секој мора да ги брани.
Тој во интервју за француската телевизија „Франс 5“ изјави дека борбата против терористите не значи уништување на Појасот Газа и неселективни напади врз цивилното население.
Иако го призна „правото на Израел да се брани и да се бори против теророт“, францускиот претседател повика на заштита на цивилите и хуманитарен прекин на огнот.
-Хамас е виновен за оваа ситуација, но го повикувам Израел да го запре бомбардирањето, порача Макрон.
