Вести Македонија

Ивановска: Ако власта вистински сака да се справи со корпуцијата, прво треба да биде подготвена да се справи самата со себе

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска се сомнева во подготвеноста на владата да се справи со корупцијата, оценувајќи дека последните години борбата против корупцијата е само декларативна. Во вечерашната Топ Тема на Телма таа рече дека добро е познато како проблемот со корупцијата може да биде надминат.

Детектирани се проблемите, детектирани се начините како да се надминат тие проблеми, меѓутоа понатаму не следи преземање на активности што треба да доведат. Значи знаеме кој е проблемот, го знаеме лекот кој е ама пациентот не решил да го прими лекот, рече Ивановска.

Таа го посочи примерот со поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, кој неодамна беше ставен на црната листа на САД, поради злоупотреба на службена положба за лични бизнис интереси.

Поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев ние уште во 2019 година за него дадовме иницијатива за одговорност, односно за негово разрешување од владата, затоа што утврдивме состојба на судир на интереси бидејќи тој сам учествувал во креирањето и во донесувањето на одлуката за намалување на царината од 15 на 0 проценти на литиумските батерии, кои всушност ги увезува неговата фирма. Меѓутоа во рокот од 60 дена, колку што има владата да нѐ извести што презела по нашата иницијатива, нѐ известува дека тоа не е судир на интереси, рече Ивановска.

Според неа, со тоа владата се ставила во улога таа да одлучува што е судир на интереси а што не е.

Имаме препорака од ГРЕКО, којашто вели дека треба да се санкционираат, меѓудругото, и состојбите на судир на интереси. И сега каде сме ние? Зошто треба секогаш некој од надвор да ни каже дали некој работи или не работи добро, злоупотребува или не злоупотребува, а не се слушаат институциите што веќе ги завршиле предметите? За Мерко исто беше, уште во 2019 завршен предмет, предаден во ЈО, предаден во Судски совет, никому ништо. Кога се стави Мерко на црна лиса, сите беа „еее Мерко!, рече Ивановска.

Ставањето на некој политичар кој ја злоупотребувал власта на црната листа на САД, не им значи ништо на македонските граѓани, смета таа.

Значи кога веќе имало кривични пријави, кога од надвор ни алармираат, па тогаш треба малку и поажурно да се сработат предметите, па да се види некаков резултат, па да послужи тоа за пример. Ако сака власта вистински да се справи со корупцијата, без оглед која е власта, значи да се разбереме, не алудираме само на оваа власт, туку зборуваме дека по дефиниција корупцијата е во власта, затоа што бевме сведоци и претходно како имаше злоупотреба на државни средства. Ако вистински сака, треба да се погледне првин во огледало и да биде спремна да се справи сама со себе. Значи ние не видовме некој личен пример да се откаже некој од некоја привилегија, напротив, децидна беше Ивановска.

Потсетувајќи се на вториот предмет кој антикорупциска го отворила за поранешниот вицепремиер, а се однесувал на приватизацијата на ФЕНИ, Ивановска рече дека тие уште тогаш забележале индиции дека комбинатот повторно ќе оди во стечај.

Меѓутоа тука се открија многу важни информации коишто навестуваа дека повторно ќе се случи стечај на ФЕНИ, од причина што крајниот сопственик на ФЕНИ, во тоа време кога го работевме предметот имаше судска одлука, меѓутоа таа не беше конечна судска одлука, дека сторил кривични дела поврзани со корупција и требаше да плати некоја казна од 50 милиони фунти, и дека во тој момент процесот беше во фаза на жалбена постапка. Меѓутоа сега судот во Швајцарија донел конечна одлука и споменатиот господин е правосуилно осуден, следствено на тоа беше за очекувано дека ќе се случи овој стечај на ФЕНИ, рече таа.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израелска армија: Уште една теренска болница во Газа

Дејан Дејан

Северна Кореја тврди дека оваа година ќе набави нов ракетен фрлач со повеќе цевки

Дејан Дејан

Трамп демантира дека ја предложил Ники Хејли за потпретседател на претстојните избори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе