Вести Емисии Код Македонија

Тендери на Лотарија- Повисоки цени, донатори на ДУИ и милиони за маркетинг

Државна лотарија со ова промотивно видео пред два месеци ја најави новата игра на среќа. Наменета пред се за младите кои го следат урбаниот начин на живот. На електричен мотор ќе може да се израдуваат 100 купувачи на инстант лозот. А среќниот добитник ќе го чини моторот само 50 денари.

Телоп- Но, колку всушност чини наградата?

Тендерот го добила кумановската фирма ХД-ЕНИКС. Одамна е во бизнисот од 2004 година. Но, ова и е прв тендер воопшто. Се набавиле два типа на мотори. Производителот е турски, а брендот РКС. Вкупно се потрошиле речиси 289 илјади евра. Се набавиле 60 мотори од моделот REE1500 и 40 мотори од моделот Neron X. Првиот чинел околу 2600 евра со ДДВ. Вториот над 3200 евра со ДДВ.

Но, во реалноста моторите чинат далеку помалку.  Ако ги купите директно од производителот. Доколку обичен купувач се реши за еден од овие модели, ќе треба да издвои далеку помалку пари. Од каталогот на веб страната на РКС може да се види дека едниот модел чини околу 970 евра, а другиот речиси 1500 евра.

Значи ако лотарија директно ги набавила моторите од производителот ќе заштедела најмалку 170 илјади евра. Зошто Лотарија прифатила повисоки цени не ни одговорија.

Донатори на ДУИ добиваат тендери

КОД ги разгледуваше и останатите тендери на акционерското друштво. Колачот оваа година е поголем за делење. За маркетинг активности,  1,9 милиони евра или двојно повеќе од минатата  година.

„Во 2023 година се планира поголемо вложување во маркетингот, од причина што Државна лотарија во изминатите години нема позначајни вложувања во маркетинг, воопшто не е препознатлива на пазарот, ниту се достапни нејзините продукти со други зборови потрошувачите воопшто не ја препознаваат Државна лотарија како бренд“, се наведува во Финансиски план на Државна лотарија за 2023.

Дел од овие пари завршуваат на сметките на фирми поврзани со ДУИ, од каде доаѓа и првиот човек на Лотарија, Перпарим Бајрами.    Во трката по тендерите на лотарија годинава за прв пат влегува и Арбериа. За ребрендинг на корпоративен бренд и рекламна кампања ќе наплати скоро 289 илјади евра. Ова е и еден од најголемите тендери за оваа намена.

Арбериа веќе има соработка со институциите раководени од кадри на ДУИ, а сега листата е збогатена и со лотарија.  Фирмата е формирана е во 1998 година. Нејзин сопственик е Хасим Хамзаи. Во 2015 година и  донирала 20 илјади евра на партијата ДУИ.

Уште една фирма добитник на тендерите на лотарија се поврзува со ДУИ и со Арбериа. Литера Гроуп која годинава добила 4 тендери. Два од нив за печатени и брендирани материјали за промотивни активности со вкупна вредност од 134 илјади евра.

И два тендери со истата сума од по 57 и пол илјади евра за услуги од маркетинг агенција за поддршка на ЛОТО и Џокер  и за организација, техничка поддршка и изведба на повеќе поединечни промотивни настани и каравани.

Сопственикот на Литера, Афет Иљази, не само што претходно работел и во Арбериа, туку и неговото име е на листата на донатори на ДУИ. Во 2011 година тој на партијата и донирал 100 илјади денари или нешто над 1600 евра.

Во бизнисот со Лотарија, влегле и други членови до семејството на Хамзаи, првиот човек на Арберија. На релативното новата фирма Демент, формирана во мај минатата година и требале само неколку месеци да го добие првиот тендер и тоа од лотарија. Па се наредиле уште три. Договори вкупно вредни околу 55 и пол илјади евра. Фирмата има двајца сопственици, а едниот од нив е Ермир Хамзаи, кој всушност е син на газдата на Арбериа.  Двете фирми делат и иста адреса.

Од Лотарија не добивме одговор дали поврзаноста на овие фирми со ДУИ одиграла улога во нивниот избор на тендерите.

„Сите оние што се донатори на политичките партии без разлика дали на локално или централно ниво за изборите, после изборите нормално сакаат да си ги повратат парите. Тоа е дел од нашиот македонски фолклор“, вели Борче Давидковски, професор на Правниот факултет.

За маркетинг 1,9 милиони евра

Останатиот дел од тендерите од маркетинг агенција за услугите за поддршка на брендот и за закуп на веб портали за ПР и маркетинг кампања и се доверени на фирмата Поинтер. Нејзин сопственик и управител е Зоран Фидановски.

И на неа соработката повеќе и тргнува со назначувањето на Бајрами. Се на се со лотарија има склучено 4 тендери во рок од една година вредни милион евра.  За разлика од минатото кога само во 2017 година и во 2015 година добила по еден тендер од лотарија.

Игрите на среќа се шанса за секој граѓанин кој ќе купи инстант лоз да му се падне награда. Но, лотарија под водство на Бајрами им донела среќа и на други фирми кои благодарение на договорите со акционерското друштво влегуваат во бизнисот со тендери.

Таков е случајот со Лемон Маркетинг. Иако е основана во 2011 од 2014 година нема ни приходи, а ни тендери. Но, тоа не ја спречило лотарија да им довери нов проект. Вреден 575 илјади евра. Агенцијата ќе треба да продуцира 104 забавни емисии по еден час во рок од две години. Изработката на една емисија ќе чини по 5500 евра.

Лемон Маркетинг е во сопственост на Ирена Димитриева Поповиќ. Сопруга на Бранислав Поповиќ, кој беше во маркетинг бизнисот со неговата Томато продукција. Но, продукцијата неславно заврши кога во 2019 година заработи кривична пријава.  Се товареше за неплатен ДДВ и персонален данок при изградба на студијата што ги користеше 1ТВ, како и за прикажување на помали приходи во нивната работа.

Прв сопственик на Лемон маркетинг, е сепак едно лице, кое на Лотарија веќе и е познато. Зоран Фидановски, кој со сегашната фирма Поинтер е веќе докажан во тендерите со акционерското друштво всушност бил прв сопственик на Лемон маркетинг.

Зошто е избрана оваа фирма, која не била активна со години и кога и каде ќе се емитуваат овие емисии од лотарија одговор не добивме ни на ова прашање.

Шанса да се докаже во светот на тендерите добила и АП Солутионс од каде се набавени лотариски терминали и опрема за потребите на акционерското друштво. Фирмата не е нова. Но нова и е дејноста. Од Друштво за проектирање, дизајн, градежништво, трговија и услуги ФДЕСТАНИ од село Лојане Липково станува Друштво за програмирање, маркетинг, трговија и услуги АП СОЛУТИОНС со седиште во Аеродром. Дејноста ја менува на крајот од април годинава и по само неколку месеци го добива и првиот тендер од околу 200 илјади евра.

Носителите на политичката власт не треба да располагаат со јавните пари или јавните набавки да бидат контролирани од тим на странски експерти, смета професорот Давидковски.

„Многу е важно да имеме еден независен орган кој ќе врши контрола на јавните пари“, смета професорот, Давидковски.

Лотарија само годинава за тендери потрошила над 5 милиони евра.

Марија Митевска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кои се пратениците кои ќе му се придружат на Мицкоски?

Дејан Дејан

 „ Парови “ во Драмски театар, за љубовта како жртва на проекциите на луѓето за себе си

Дејан Дејан

Израел одговара пред Меѓународниот суд на правдата за геноцид- Јужна Африка бара судот да нареди прекин на огнот во Газа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе