Агенти на финаниската полиција во рамки на истрага од Државна Лотарија презеле документи за да утврдат дали има неправилности при изнајмување на објекти од страна на државната компанија, дознава Телма.
Од финансиска полиција без многу детали потврдија дека во рамките на нивните активности се преземени определени документи.
Државна Лотарија има склучувано повеќе договори за изнајмување на простории, а според истражувањата на Слободна Европа и Фокус, изнајмувачите се поврзани односно имаат релации со претставници на ДУИ.
Директорот на Државна Лотарија Перпарим Бајрами според опозицијата е поранешен шеф на кабинет на вицепремиерот Артан Груби. Но Груби реагираше по објавувањето на информацијата и тврди дека (Бајрами) никогаш не работел во неговиот кабинет ниту како асистент, а најмалку како шеф на неговиот кабинет.
Перпарим Бајрами во име на државната компанија „Лотарија” ги потпишувал изнајмувањата на спорните објекти.
Фирмата “Хеј” која всушност склучила договор за да изнајми поранешна сала за свадби во Визбегово на Државна Лотарија од 17-ти октомври ја сменила сопственичката структура, односно нов сопственик на фирмата станал Асмир Јахоски, кој е и сопственик на Пуцко Петрол и син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски.
Извори од финансиската полиција не ги коментираа наводите дека син на пратеник на ДУИ станал сопственик на фирма со објект изнајмен на Државна Лотарија управувана од директор поставен од ДУИ и близок соработник на вицепремиерот Артан Груби.
Спорната фирма со голема зделка со Лотарија всушност е формирана во февруари оваа година и тогаш седиштето се наоѓало во зградата на Партизанска, во која покрај Асмир Јахоски, фирми имал и зетот на Али Ахмети.
