Целосно фијаско. Вака извори поврзани со истрагата ги оценуваат вчерашните апсења во случајот со кодно име „Синџир“. Главните осомничени се во бегство, а во притвор се луѓе кои само фигурирале како сопственици или управители на фирмите кои наводно затајувале данок и переле пари.
Меѓу уапсените нема вработени во Управата за јавни приходи, без кои, според нашите извори, не би можело да се изведе операција со која буџетот бил оштетен за скоро 8 милиони евра.
Овие компании за коишто вчера се зборуваше се исконтролирани од наша страна и доставени се документи коишто беа побарани од страна на Управата за финансиска полиција. Истовремено имаме доставено и комплетна документација за сите преземени дејствија после спроведувањата на даночната контрола, односно дејствија на присилна наплата и слично, изјави директорката на УЈП Сања Лукаревска.
Главните осомничени се поврзуваат со фирмата Алма од Неготино, која во 2017 година го сели седиштето во Струмица. Фирмата влезе во фокусот на јавноста пред една деценија, кога сопственикот Ангел Пецов, неговата сопруга и син, и уште 13 други луѓе беа осудени на долгогодишни затворски казни во случајот „Керозин“. Тие беа осудени зашто точеле помало количество нафта отколку договореното со јавните набавки и со тоа го оштетиле буџетот за 2,5 милиони евра.
Меѓу осомничените во вчерашната акција на Обвинителството за организиран криминал и Финансиската полиција е и Стојан Чифлигароски, сопственик на фирмата СВ Инвест од Битола, која во 2021 година отиде во стечај. По доаѓањето на СДСМ на власт, оваа фирма почна да добива милионски тендери за работи во РЕК Битола – над 6 милиони евра за три години, а во 2021 година ненадејно падна во стечај. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека Чифлигароски е близок до Вице Заев, брат на поранешниот премиер Зоран Заев.
Во акцијата со кодно име Синџир вчера беа уапсени 20 сопственици и директори на 28 фирми од Неготино, Кавадарци, Битола, Охрид и Скопје. Шестмина осомничени не биле достапни. Судот доцна синоќа определил притвор за 13 луѓе, домашен притвор за еден и мерки за претпазливост за 12 луѓе.
Тие се сомничат дека основале или преземале фирми, преку кои изготвувале лажни фактури за да избегнат плаќање ДДВ.
Според обвинителството, на тој начин го оштетиле буџетот за над 490 милиони денари, односно за скоро осум милиони евра.
Дополнето: Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција реагира дека не се работи за никакво фијаско туку за „исклучително професионално спроведена акција“ зад која стои повеќемесечна предистражна постапка.
„Зад акцијата има посветена теренска и аналитичка работа испишана на повеќе стотици страници“, реагира Обвинителството и додава дека тоа „не значи дека истрагата е завршена и дека не може да се прошири и спрема други лица во текот на постапката“.
Срѓан Стојанчов
