Вести Македонија

Кабинет на премиерот Ковачевски: За осуда е фактот што на настанот организиран на територија на Република Северна Македонија, не е интонирана македонската државна химна и не е истакнато македонското државно знаме

Кабинетот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Ви посочува дека пред сѐ, оваа посета на премиерот на Косово, Албин Курти е приватна посета, и за деталите од поканата, протоколот и организација на посочениот настан Ве молиме да се обратите кај организаторот, се вели во соопштението од Владата по повод реакциите по вчерашната посета на премиерот на Косово, Курти во Тетово и во Скопје.

– Во секој случај, Кабинетот на премиерот смета дека истакнувањето знамиња кои не се државните е спротивно на протоколите и законите за организирање настани во присуство на државници од странски земји. Воедно, видот на иконографија забележан на настанот во присуство на висок претставник на странска држава е несоодветно и недозволиво во земја членка на ООН и земја членка на НАТО и во таа насока Ве информираме дека СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот. Дополнително Ве информираме дека од Кабинетот на премиерот во текот на денот е исконтактиран амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија, во врска со споменатата иконографија користена при приватната посета на косовскиот премиер на земјата, се појаснува во соопштението.

Воедно, Кабинетот на премиерот посочува дека за осуда е фактот што на настанот организиран на територија на Република Северна Македонија, не е интонирана македонската државна химна и не е истакнато македонското државно знаме.

– Посочуваме дека сите држави од регионот кои сакаат истиот да е просперитетен, економски развиен и интегриран во Европската Унија и кои сакаат да градат пријателски односи со своите соседи, треба со сите свои постапки да ги продлабочуваат пријателствата и меѓу државите и меѓу граѓаните, и да инсистираат на почитување пред сѐ на државните одбележја како и на мултикултурните специфичности на секоја од државите од регионот. Република Северна Македонија како функционално мултикултурно и мултиетничко општество е пример за земја која ги почитува различностите и интензивно гради добрососедски односи со сите свои соседи, базирани на почитување и соработка која треба да придонесе кон понатамошен развој и на земјата и на регионот, појаснуваат од Владата.

Дополнително, иако локалната самоуправа во Северна Македонија има целосна слобода во донесувањето на одлуки кои ја засегаат општината, сепак, Кабинетот на премиерот Ковачевски посочува дека не се согласува со преименување на улица која го носи името на херојската Втора Македонска Бригада. Посочуваме дека локалната самоуправа требало изминатиот период поревносно да си ја врши својата работа и досега да изгради нова улица која ќе ја именува согласно законските процедури.

Знаме на Голема Албанија се вееше на пречекот на Курти во Тетово, МВР ќе го расчистува случајот

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Судот во Лондон утре ќе одлучува за екстрадицијата на Асанж во Америка

Дејан Дејан

Вучиќ најави дека утре ќе отпатува во Њујорк за да се спротивстави на усвојувањето на резолуцијата за Сребреница

Дејан Дејан

Нетанјаху го обвини Ганц дека „му дал ултиматум на премиерот, наместо на Хамас”

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе