Вести Македонија Најважни

Знаме на Голема Албанија се вееше на пречекот на Курти во Тетово, МВР ќе го расчистува случајот

Знаме на „Голема Албанија“ се вееше на синоќешниот концерт во Тетово, кој во знак на добредојде на косовскиот премиер, Албин Курти, го организираше локалната самоуправа. И на видеото кое се пренесуваше на официјалната фејсбук страница на Општината, се гледа развиорено знаме со карта која ја опфаќа Албанија и делови од Македонија, Црна Гора, Србија и Грција, додека Курти пристигнува со градоначалникот Биљал Касами, заедно со Изет Меџити и Африм Гаши.

Во телефонскиот разговор со Касами, ни одговори дека тој организирал пречек кој ја означува соработката со Косово и дека нема информација за истакнување на знаме и нѐ упати да се обратиме до надлежните институции.

Од полицијата, пак, ни одговорија дека се преземаат соодветни мерки.

Во врска со случајот за кој прашувате, СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот, велат од Сектор за внатрешни работи Тетово

 Курти, во рамки на вчерашната неофицијална посета на земјава беше придружуван од лидери на албански партии од опозоцискиот блок, Касами, кој освен што е градоначалник на Тетово, е и претседател на БЕСА, Африм Гаши, претседател на Алтернатива, Изет Меџити, кој најави формирање ново политичко движење, како и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Универзитетскиот професор и теоретичар, Етем Азири, смета дека се работи за приватна посета, која опозицијата сака да ја искористи за да има подобри шанси на наредните избори, но и тие и власта треба повеќе да ги следат домашните случувања отколку да бараат помош од надвор.

„Опозицијата сака да има што подобри шанси на наредните избори и на некој начин, не дека ги злоупотребува јавните личности на Косово и Албанија, туку наједноставно сака од секоја ситуација да собере политички поени. Јас чисто се сомневам дека господинот Албин Курти се определува за едната опција или за другата опција, најважно опозицијата во Македонија треба самата да биде конструктивна и на некој начин да си создаде услови еве во наредниот период да биде дел од власта. Значи се што се базира на помошта од надвор, не е важно од која држава, тешко дека може опозицијата да си создаде подобри позиции за во иднина,.Етем Азири, универзитетски професор

Новинарот Дестан Јонузи, пак посетата на премиерот на Косово ја анализира во три аспекти:

– Посета која им послужи на опозицискиот блок – на Движењето БЕСА, Алтернатива и на новоформираната партија на Изет Меџити – Демократско движење за промоција

– Стратегија на Курти да го убеди својот електорат дека е почитуван политичар и надвор од границите на Косово, кој има влијание и врз политичките случувања во Северна Македонија, поточно кај партиите на Албанците.

– Да покаже дека има политички битки со Али Ахмети и Еди Рама, на тој начин што неговиот електорат добива впечаток дека него не му се битни многу неговите опозициски ривали во Косово, вели Дестан Јонузи, новинар

Инаку, косовскиот премиер присуствуваше на свечено преименување на улица во Чаир, а со посетата на тетовско Вејце, заедно со тетовскиот градоначалник ја искажаа заложбата за побрза изградба на патниот правец Тетово – Призрен кој би минувал низ Шар Планина.

 

Данијела Билбилоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израелска армија: Уште една теренска болница во Газа

Дејан Дејан

Северна Кореја тврди дека оваа година ќе набави нов ракетен фрлач со повеќе цевки

Дејан Дејан

Трамп демантира дека ја предложил Ники Хејли за потпретседател на претстојните избори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе